Лица со церебрална парализа бојат ѕид на трансформатор      Фото: AA

Над 17 милиони луѓе во светот страдаат од нарушувањето церебрална парализа, меѓу кои има деца и возрасни. Светското здружение за церебрална парализа на 6 октомври, како меѓународен ден посветен на справување со ова нарушување, побара помош од иноваторите и медицинските технолошки компании за поголем развој на пристапни технологии.

Ваквите уреди може значително да им го олеснат животот на лицата со церебрална парализа. Според организацијата, и натаму постои недостиг на сеопфатни технологии кои ќе овозможат полесна интеграција, особено кога лицата влегуваат во возрасни години.

Меѓународниот ден на церебрална парализа се одбележува од 2012 година со цел зголемување на свесноста за потребите и намалување на стигматизацијата во општеството. Се проценува дека околу 350 милиони луѓе во светот се поврзани со деца и возрасни кои имаат церебрална парализа и се грижат за нивните секојдневни потреби.

Што е церебрална парализа?

Церебрална парализа не е заболување, туку нарушување кое е перманентно и засега не постои „лек“ во медицинската наука. Се смета дека ЦП е најчестата моторна попреченост во детството.

Може да се јави непосредно пред или во текот на раѓањето поради неправилен развој на мозокот, а во одредени случаи и поради недостиг на кислород до мозокот на новороденчето. Особено често нарушување е кај предвремено родените бебиња.

Церебралната парализа најчесто предизвикува потешкотии во движењето. Главни карактеристики се тоа што секое четврто лице со церебрална парализа не може или има проблеми со говорот, една четвртина од лицата имаат епилепсија, додека половина од нив имаат одреден степен на интелектуална попреченост.

Според последните научни истражување преваленцата на церебрална парализа е намалена за 25% на 1.000 живородени бебиња. Сепак, научниците посочуваат дека поради различните бази на податоци, намалувањето го забележуваат пред се кај земјите во развој, додека кај одредени земји преваленцата е речиси идентична како и во последните децении, односно околу кај 2 деца на 1.000 новородени.

TRT Balkan
Популарни