Колку е тешко да се биде леворак во свет во кој доминираат деснораките     Фото: TRT Balkan

Обидете се со левата рака да пишувате на тетратка со спирала, или пак да отворите конзерва, да сечете со ножици или да фаќате белешки на предавање.

Не е едноставно нели. Дури и кога играте видеоигра со друштвото, деснораките противници имаат неправедна предност само затоа што копчињата на конзолата се прилагодени за десна рака.

На Светскиот ден на левораките луѓе се поставува прашањето: Дали целиот свет е прилагоден само на деснораките луѓе?

Некој малку попараноиден левучар би помислил дека постои некаков светски заговор против луѓето кои пишуваат и работат со левата рака. Особено ако се знае дека не така одамна децата кои повеќе ја користеле левата рака биле казнувани, им била врзувана левата позади грбот и се инсистирало да ја користат десната за пишување, јадење или употреба на различни алатки. Но не се работи за заговор, едноставно едната рака, најчесто десната ни е пофункционална па оттука и прилагодувањето на различни предмети на користење со десна рака.

Зошто едната рака, најчесто десната, ни е пофункционална?

Една теорија е дека, да се биде левучар или не, зависи од генетските предиспозиции. Па така преферирањето на левата рака често е наследено од родителите. Двајца деснораки родители имаат само 9% веројатност дека ќе добијат леворако дете, но кај двајца левораки родители веројатноста е речиси тројно поголема (26%.)

Зошто само 10% од луѓето се левораки?

Одговорот произлегува од теоријата која вели дека еволуцијата е резултат на потребата за натпревар и соработка меѓу луѓето.

Да тргнеме од деснорак тенисер на пример, тој е во понеповолна положба ако има леворак противник затоа што на своите тренинзи вежба за соочување со деснораки противници. Левото замавнување или лево-закривена топка се неочекувани. Замислете дека тенискиот рекет некогаш бил меч и одеднаш ја сфаќате предноста на левораките во битка.

Кај активностите во кои имате противник, на пример спортови како тенис, бокс, безбол јасна е предноста да се биде левак. 50% од најдобрите фрлачи во бејзбол на сите времиња биле левораки. Ќе се прашате, ако ова е ретка и вредна карактеристика зошто нема поголем број левораки во спортот или барем распределба од 50-50%?

Историјата не е само борба

Ако луѓето низ милениумската еволуција само се тепале или натпреварувале веројатноста е дека денес ќе имало многу повеќе левораки и тоа немало да биде ретка карактеристика.

Но еволуцијата колку што е резултат на борба уште повеќе е резултат на соработка. А соработката пак довела до потреба од споделување или заедничко користење на исти алатки за да се постигне целта. Оттука современите алатки како ножиците, отворачот за конзерви па и конзолата за игрици се прилагодиле на користењето на една рака, онаа која е подоминантна кај повеќето за да можат повеќе луѓе да ги користат и споделуваат.

Едноставно низ годините многу од изумите кои го оформија современото општество биле дизајнирани за десноракото мнозинство што дополнително стимулирало користење на десната рака.

Балансот на натпревар и соработка во современиот свет резултирал со постојано леворако малцинство кое не исчезнало и покрај неприлагоденоста на светот кон раката што повеќе ја користат.

Тврдења без докази

За левучарите ќе слушнете најразлични тврдења дека живеат во просек девет години пократко од десничарите дека имаат повисок коефициент на интелигенција од десничарите, дека се понеодлучни и поплашливи но и покреативни од десничарите, дека подоцна влегуваат во пубертет, почесто патат од алергии, посклони се кон зависности и полесно се опоравуваат од срцев удар.

Сепак не постојат конклузивни и издржани научни истражувања кои ги поткрепуваат ваквите тврдења.

TRT Balkan
Популарни