Која е државата со најмногу министерства?

Премиер, потпретседател, прв, втор, трет вицепремиер, министер, министер без ресор… Сите овие функции ќе ги сретнете во составот на владите на балканските држави, но и во владините кабинети на дел од земјите членки на ЕУ.

На Балканот бројот на министри варира од држава во држава. Дел од нив се одлучиле да ја оптимизираат бројката, а кај други бројот на ресори и министри драстично се разликува. Интересно е што безмалку сите имаат повеќе министерства или идентичен број со бројот на министерства во Германија.

Во кабинетот на Брнабиќ 21 министер и пет вицепремиери

Србија е во исчекување на нова Влада по неодамна завршените парламентарни избори. Според бројот на министри на актуелниот владин кабинет, Србија ја има најобемната Влада меѓу земјите во регионот. Кабинетот на премиерката Ана Брнабиќ го сочинува 21 министер. Во овој број се вклучени и петте вицепремиери кои истовремено раководат и со одделни министерства.

Бранко Ружиќ е прв потпретседател на Владата и министер за образование, наука и технолошки развој. Бранислав Недимовиќ е потпретседател на Владата и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со министерството за рударство и енергетика управува потпретседателката Зорана Михајловиќ.

Потпретседатели се и министрите за одбрана Небојша Стефановиќ и за култура и информации Маја Гојковиќ. Дополнително во српската Влада се избрани и двајца министри без ресор.


Владата на Голоб со 17 министри

И Словенија неодамна доби нова Влада предводена од Роберт Голоб. Владата има и тројца вицепремиери. Вицепремиерка и министерка за надворешни работи е Тања Фајон. Лука Месец е министер за труд и социјална политика. Даниел Бешиќ-Боледан е вицепремиер и министер за здравство. Во словенечката влада има 17 министри. Од нив еден е без ресор.

И хрватската Влада има 17 министерства

Хрватската Влада која ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ исто така има 17 министерства. Но кога се во прашање потпретседателите-министри ситуацијата е слична како во Србија. Во Владата има четворица потпретседатели од кои тројца се први луѓе на некои министерства.

Потпретседателот Tомо Медвед е министер за хрватските бранители. Давор Божиновиќ потпретседател и министер за внатрешни работи. Министерот за финансии Здравко Мариќ исто така има ингеренции и како потпретседател на Владата.

Македонската Влада со еден ресор помалку

Владата на Димитар Ковачевски во Северна Македонија има 16 министри. Во македонската влада се избрани четворица вицепремиери. Артан Груби како прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бојан Маричиќ за европски прашања, Фатмир Битиќи за економски прашања и Славица Грковска за борба против корупција.

Извршната власт во БИХ е поделена

И Владата на федерацијата на Босна и Херцеговина има 16 министерски позиции од кои во моментов три се испразнети. Премиер е Фадил Новалиќ, а двајца министри се заменици-премиери. Тоа се Јелка Миличевиќ, министерка за финансии и Васко Дрљача, министер за труд и социјална политика. Извршната власт во БиХ е поделена и освена федералната влада, такви ингеренции има и Советот на министри. Но Советот на министри ги опфаќа двата ентитета, федерацијата БиХ и Република Српска. Ова тело брои 9 министри и претседавач.

Во Црна Гора 18 министри и четворица потпретседатели

Црна Гора има обемна Влада, втора по големина во регионот според бројот на министри. Ја сочинуваат претседател, четворица потпретседатели, 18 министри и двајца министри без ресор. Претседател на Владата е Дритан Абазовиќ. Меѓу потпретседателите Јована Маровиќ е задолжена за надворешна политика, европска интеграција и регионална соработка. Владимир Јоковиќ е потпретседател за економски систем. Рашко Коњевиќ за политички систем и внатрешна политика и Ервин Ибрахимовиќ за регионален развој.

Албин Курти во Косово со тројца заменици

Претседателот на Владата на Косово Албин Курти има прв, втор и трет заменик претседател. Една заменичка на премиерот Доника Герваља – Шварц истовремено е министерка за надворешни работи и дијаспора. Бесник Бислими е заменик-премиер за европска интеграција, развој и дијалог. Емилија Реџепи е вицепремиерка за малцински прашања и човекови права. Заедно со нив во составот на косовската влада има 14 министри.

Во кабинетот на Рама има 12 жени

Владата на Албанија. по третпат ја предводи премиерот Еди Рама. Во владиниот кабинет има еден вицепремиер, Арбен Ахметај и 15 министри. Куриозитет е тоа што, од министрите 12 се жени, а тројца мажи. Сепак ова не е новитет кога е во прашање распределбата на ресорите во земјата. Во претходниот состав на Владата во Тирана, на чело на девет министерства беа поставени припаднички на понежниот пол.

Каква е ситуацијата во ЕУ?

Имајќи го предвид бројот на жители на некои земји членки на ЕУ, може да се каже дека биле доста рационални во одредувањето на бројот на министерства кои им се потребни. Па така една Германија со околу 80 милиони жители во федералната Влада има 16 министерства. Франција има еден министер повеќе.

Шпанија пак е пример за европска земја со голема Влада. Во владиниот кабинет има 22 министри. Меѓу нив се и првиот, вториот и третиот вицепремиер. Финска исто така е интересен случај на држава со релативно мал број жители, но има 18 министри. Грција пак има 19 министри, но и пет алтернативни членови на владата. Во Бугарија ситуацијата е премиер, пет вицепремиери и 18 министри.

TRT Balkan
Популарни