Премиерката на Финска, Сана Марин, во работна посета на Северна Македонија     Фото: АА

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека треба да се земат предвид загрижености на сите НАТО членки кога е во прашање приемот на нови земји во алијансата.

Премиерот Ковачевски и премиерката на Финска, Сана Марин, којашто за прв пат престојува во работна посета на Северна Македонија, одржаа заедничка прес-конференција на која ги презентираа споделените ставови за најважните прашања од интерес за двете земји.

Ковачевски рече дека Владата на Северна Македонија уште во мај даде согласност за прием на Република Финска и Кралството Шведска за членство во НАТО.

„Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО. Како премиер, уште за време на мојата посета на НАТО отворено ја поддржав иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО. Се надевам на што поскоро членство и за двете земји, иако истовремено треба да се земат предвид сите загрижености на сите НАТО членки. Се надевам дека во најскоро време ќе се надмине застојот за апликација, за што од наша страна ќе дадеме целосна поддршка", рече Ковачевски.

Според него, зачленувањето на Шведска и Финска во НАТО е придонес за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа, особено во контекст на неоправданата руска воена инвазија на Украина.

Ковачавски, исто така, рече дека финската Армија е интероперабилна со НАТО стандардите и со години наназад одржува редовни и чести воени вежби со НАТО, и учествува и дава придонес во сите мисии и операции на НАТО.

Премиерот исто така го истакна инсистирањето на Финска за започнување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ во 2019 година за време на нејзиното претседавање со Европскиот совет.

Финската премиерка Сана Марин изрази задоволство што е првиот фински премиер што ја посетува Северна Македонија. Притоа, таа му се заблагодари на премиерот Ковачевски за поддршката на политиката на отворени врати на НАТО.

„Северна Македонија е цврст поддржувач на политиката на отворени врати на НАТО. Додека Русија ја води својата брутална војна против Украина, многу е важно да се каже јасно и гласно дека во денешна Европа, нема простор, ниту место за руската логика на сфери на влијание“, рече Марин.

Таа исто така истакна дека финската одлука за аплицирање за членство во НАТО ужива висока поддршка од финскиот народ.
Марин нагласи дека треба да се засили поддршката за Украина преку воведување нови санкции против Русија и преку обединетост, притоа ги поздрави санкциите воведени од Северна Македонија кон Русија.

Финската премиерка, исто така, рече дека нејзината земја е еден од најголемите поддржувачи на проширувањето на ЕУ. Таа ја најави поддршката на нејзината земја за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ следната година.

Сана Марин за време на нејзиниот престој во Скопје ќе оствари средба и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

AA
Популарни