На 15 ноември минатата година започна асфалтирањето на еден од двата километри на патот Скопје-Блаце.     Фото: Влада на Северна Македонија / Фејсбук

Изградбата на автопатот Скопје-Блаце кој треба да ги поврзе македонската метропола со главниот град на Косово, Приштина, никако да мрдне од мртва точка. Ако од Приштина тргнете за Скопје, до граничниот премин ќе ви треба половина час бидејќи автопатот е нов и модерен, но проблем е потоа да се стигне до Скопје бидејќи патот е тесен и полн со дупки па тешко е да се вози повеќе од 50 километри на час.

Со години се зборува за изградба на автопат од Блаце до Скопје и за конечно автопатско поврзување на двете метрополи, но целиот проект е во ќорсокак.

Ниту првите два километри од делницата нема да се завршат според претходно утврдениот рок, а неодамна властите во Северна Македонија дадоа нов одложен датум за завршување на првиот дел од овој автопат. Според последната најава, рокот за завршување на овој дел е средината на 2023 година.

Причините за ваквото одложување, според нив, се поврзани со како што велат: „новонастанатата состојба создадена на терен, вклучително и проблемите со експропријацијата на приватните парцели“.

Исто така, откажана е и тендерската постапка за останатите 10 километри од овој автопат.

Два километра за две години?

Поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, во октомври 2020 година, на средба со својот косовски колега, поранешниот премиер Авдула Хоти, изјави дека овој автопат, колку што е важен за Косово, толку е важен и за Северна Македонија.

Изведбата на првите два километра започнаа во 2021 година. Во ноември минатата година, министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Благоја Бочварски, при почетокот на асфалтирањето на првиот километар, изјави дека првата фаза од автопатот Скопје-Блаце (два километрa) се очекува да биде завршена кон средината на 2022 година. Градежната вредност на овој зафат беше над 15 милиони евра.

Косово, важен пазар за Северна Македонија

Косово претставува важен пазар за Северна Македонија и според податоците на Министерството за економија е на десеттото место на листата на земји со кои Република Северна Македонија има најголем обем на трговска размена.

Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година остварен е значителен пораст на вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Косово од 43 отсто, при што извозот е зголемен за 29,6 отсто, а увозот за 137,2 отсто.

Во првите четири месеци од 2022 година е остварена вкупна размена во вредност од 162,3 милиони евра, од кои 118,7 милиони евра се однесуваат на извоз во Република Косово, додека 43,5 милиони евра се однесуваат на увоз од Република Косово.

Хрватска компанија во руска сопственост

Владата на Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во јули годинава го потпишаа договорот за заем во износ од над 167 милиони евра за изведба на автопатот Скопје-Блаце. Додека преостанатиот дел од проектот ќе биде кофинансиран со инвестициски грант од 20,8 милиони евра обезбедени од Европската Унија (ЕУ) преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ИРЗБ).

Според властите во Северна Македонија, првиот тендер пропаднал бидејќи компанијата избрана од Хрватска имала врски со Русија. Американско-турскиот конзорциум „Бехтел Енка“ е избран за компанија што треба да ги гради Коридорот 8 и 10.

TRT Balkan
Популарни