Чавушоглу во Белград: Регионалната соработка е во прв план     Фото: АА



Министерот за надворешни работи на Република Туркије Мевлут Чавушоглу по состанокот со неговиот српски колега Никола Селаковиќ изјави дека „регионалната соработка во ова чувствително време треба многу повеќе да биде во прв план“, при што најави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во скорешно време ќе ја посети Србија.

Чавушоглу во текот на денот во Белград разговараше со претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, претседателот на Собранието Ивица Дачиќ како и со српскиот колега Никола Селаковиќ.

„Во текот на овие состаноци имавме можност да разговаравме и за посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, планирана во наредните недели“, рече Чавушоглу.

Чавушоглу рече дека на состаноците во Белград е разговарано и за регионални прашања, како и за ситуацијата во Босна и Херцеговина.

„Изразивме подготвеност за одржување трилатерален состанок Туркије-Србија-Босна и Херцеговина“, рече Чавушоглу.

Турскиот министер за надворешни работи потсети дека е разговарано и за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, при што нагласи дека Туркије го поддржува патот на Србија кон членството во Европската унија.

„Србија е важен актер од аспект на регионалната стабилност“, рече Чавушоглу.

Регионална турнеја и учество на Преспа форумот во Охрид

Регионалната турнеја започната во Белград, како што рече Чавушоглу, ќе ја продолжи со посета на Охрид каде ќе учествува на Преспа форумот за дијалог, потоа во Загреб, Сараево и Приштина.

Говорејќи за односите на Туркије и Србија, Чавушоглу рече дека денес со потпишаниот договор за борбата против криумчарењето на културното богатство, додатно се зајакнати односите меѓу двете земји.

Потсетувајќи дека минатата година е отворен Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар и дека продолжуваат активностите на отворањето на конзуларната канцеларија во Ниш, Чавушоглу рече дека на овој начин се шири мрежата на конзуларните услуги во Србија.

Трговската размена во нагорен тренд

Тој изјави дека економските и трговските односи на Турција и Србија се во нагорен тренд, Чавушоглу рече дека целниот обем на трговската размена поставен од страна на двајцата претседатели, Ердоган и Вучиќ, е пет милијарди долари.

Рече дека во првиот квартал од 2022 година обемот на трговската размена на двете земји е зголемен на 31 отсто.

Чавушоглу рече дека турските инвеститори во Србија во десет години го зголемиле обемот на инвестициите од милион на 300 милиони долари и се заблагодари на претседателот на Србија и Владата на оваа земја на поддршката која им ја овозможуваат на турските инвеститори.

Зголемување на бројот на туристите од Србија во Туркије

Како што рече, разговарано е и за соработката во областа на енергетиката.

Чавушоглу потсети дека бројот на туристите од Србија кои ја посетуваат Туркије и обратно константно се зголемува.

Тој изрази очекување дека бројот на туристите од Србија во Туркије оваа година ќе достигне 300 илјади.

Изрази надеж дека бројот на туристите ќе се зголеми со уредбата за патување со лични карти помеѓу Туркије и Србија, со што бројот на државите во тој контекст ќе достигне шест, а моментално таа пракса постои кон Турската Република Северен Кипар, Молдавија, Украина, Азербејџан и Грузија.

Потсетувајќи дека на 23 декември „Туркије Хава Јолари“ покрена директни летови на релација Белград-Анкара, Чавушоглу рече дека „Ер Србија“ лета од Ниш и Краљево во Истанбул и изрази надеж дека бројот на летови ќе биде зголемен.

Укажувајќи на важноста на развојот на односите во доменот на културата, Чавушоглу потсети на бројни активности на Институтот „Јунус Емре“ и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

AA
Популарни