Чавушоглу:Да ја развиеме соработката во енергетиката со Северна Македонија     Фото: АА

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Туркије (Турција) сака да ја подобри соработката во областа на енергетиката со Северна Македонија.

Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, одржаа заедничка прес-конференција по средбата во Министерството за надворешни работи во Анкара.

Осврнувајќи се на историските односи меѓу Туркије и Северна Македонија, Чавушоглу истакна дека заедничките вредности, длабоко вкоренетата историја и човечките врски се основата на соработката меѓу двете земји.

Шефот на турската дипломатија рече дека на 26 август ќе се одбележи 30-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, додавајќи дека во рамките на ова одбележување ќе дадат заедничка изјава.

Чавушоглу информираше дека на 16 јуни ќе ја посети Северна Македонија за да присуствува на Вториот форум за дијалог во Преспа, при што нагласи дека на денешната средба разговарале за сите аспекти на односите меѓу двете земји.

Дополнително развивање на економските односи

Во врска со економската соработка меѓу Туркије и Северна Македонија, Чавушоглу рече:

„Нашите економски односи се на задоволително ниво, но согласни сме дека треба дополнително да ги развиваме. Минатата година обемот на билатералната трговија се зголеми за приближно 42 отсто и достигна 772 милиони долари. Ги гледаме овогодинешните бројки, ќе биде околу 900 милиони долари.“

Додаде дека најдоцна следната година економската соработка ќе се зголеми на 1 милијарда долари.

„Веруваме дека во следните 5 години може да ја зголемиме на 2 милијарди долари и дека можеме да ја постигнеме оваа бројка. За ова го ревидираме договорот за слободна трговија.“, рече Чавушоглу.

Истакнувајќи дека е јасно дека обемот на трговската размена меѓу двете земји е во корист на Туркије, рече дека треба да се работи заедно за тоа да се балансира.

Тој посочи дека заедно ќе продолжат да ги охрабруваат турските компании да инвестираат во Северна Македонија, и нагласи дека се договориле со Османи оваа година да организираат бизнис-форум во Истанбул.

Подвлекувајќи дека турските компании не само што ги зголемиле инвестициите во Северна Македонија, туку презеле и важни проекти, Чавушоглу рече дека инвестициите на турските компании во земјата достигнале 1,3 милијарди долари.

Соработка и во областа на одбраната

Чавушоглу наведе дека сакаат меѓу Туркије и Северна Македонија да има соработка и во областа на енергетиката, и потсети на едностраните одлуки донесени од Русија по војната во Украина и санкциите на Европската Унија кон Москва.

„Имаше барања за соработка во енергетиката од балканските земји, вклучително и нашите соседни земји Бугарија и Романија, и од Унгарија. Разговаравме и за тоа како можеме да соработуваме со Северна Македонија во оваа смисла и како можеме да придонесеме за решението за проблемите на пријателските земји. Разговаравме со Северна Македонија за енергетиката. Сакаме да ја подобриме нашата соработка“.

Истакнувајќи дека Туркије е многу среќна што го поддржува развојот на Северна Македонија, Чавушоглу нагласи дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) има спроведено многу важни развојни проекти во секој регион на Северна Македонија без никаква дискриминација.

Турскиот министер изјави дека Туркије има сериозно искуство по прашањето за водите и сака ова искуство да го сподели со Северна Македонија, и додаде дека Државниот завод за води на Туркије ќе реализира одредени проекти во областа на водите во земјата.

Посочи дека на средбата со Османи разговарале за можноста за соработка меѓу Туркије и Северна Македонија и во областа на одбранбената индустрија.

„Турската одбранбена индустрија постигна навистина голем подем во последните 10 години. Рековме дека ќе излеземе во пресрет за задоволување на потребите на Северна Македонија“, истакна Чавушоглу.

ФЕТО е закана за секоја земја во која делува

Тој рече дека постои нацрт-договор за безбедност меѓу Туркије и Северна Македонија и додаде дека сакаат да го потпишат и овој договор.

Додавајќи дека со министерот Османи ги споделил очекувањата на Туркије во однос на борбата против терористичката организација ФЕТО и другите терористички организации, Чавушоглу истакна дека во секоја прилика посочуваат дека особено ФЕТО е закана не само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е присутна.

Загриженост за случувањата на Балканот

Осврнувајќи се на ситуацијата на Балканот, Чавушоглу рече: „Загрижени сме за случувањата на Балканот. Постои кревкост. И Северна Македонија игра важна улога.“

Изјавувајќи дека по контактите со Северна Македонија овој месец ќе ги посети Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово, и дека и претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе го посети регионот, Чавушоглу порача: „Сите заедно ќе продолжиме да работиме за да ја намалиме оваа тензија и да го направиме Балканот, Западниот Балкан, регион на стабилност и економски развој.“

Тој рече дека Северна Македонија во тежок период ќе го преземе мандатот претседавач со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), и на својот колега Османи му пренесе дека во рамките на мандатното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, Туркије силно ќе ги поддржи сите активности и приоритети и ќе ѝ даде секаков вид поддршка.

Тема на разговор и пописот во Северна Македонија

Осврнувајќи се на пописот во Северна Македонија и на приговорот на Турците кон овој попис, Чавушоглу рече дека приговорите биле разгледани и нагласи дека двете страни се согласиле дека турската заедница во Северна Македонија претставува важен мост меѓу Туркије и Северна Македонија.

Чавушоглу додаде дека меѓу Туркије и Северна Македонија владеат одлични политички односи и дека постои целосна решеност односите да се развиваат на сите полиња.

AA
Популарни