Кравињо: Северна Македонија може да смета на португалска поддршка     Фото: АА

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, беше домаќин на неговиот португалски колега Жоао Гомес Кравињо, кој престојува во официјална посета на земјата.

По билатералната средба меѓу министрите и средбата на делегациите, двајцата шефови на дипломатии одржаа заедничка прес-конференција.

Министерот Османи рече дека за време на португалското претседателство со Европскиот совет во првата половина од минатата година, Португалија придонела многу за европскиот пат на Северна Македонија.

„Министерот Кравињо е првиот министер за надворешни работи којшто доаѓа после почетокот на преговорите, односно првиот министер којшто доаѓа во земја којашто веќе не е само кандидат, туку земја којашто преговара за членство со ЕУ, и разговаравме за сите аспекти од почетокот на преговорите и се разбира, за можноста за поддршка и учење од португалското искуство за тој процес“, рече Османи.

Зборувајќи за билатералните односи, Османи рече дека односите се одлични од политички аспект и дека тие не се одразуваат на трговскиот и економскиот аспект.

Во својот говор, шефот на португалската дипломатија Кравињо упати честитки до Владата на Северна Македонија за историскиот чекор за отворање на преговорите за членство во ЕУ.

„Овде понудивме континуитет на нашето пријателство и блискост. Кога Северна Македонија во следните месеци и години ќе биде во процес на преговори за пристапување во Европската Унија, треба да знае дека ќе може да смета на португалска поддршка, португалска политичка и техничка поддршка“, рече Кравињо.

Тој истакна дека членството на Северна Македонија во ЕУ е важно за регионот, но и за ЕУ.

Кравињо изјави и дека односите се одлични од политички аспект, додавајќи дека се работи на потпишување договори меѓу двете земји за да се овозможи раст на соработката во другите сфери.

AA
Популарни