Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по посетата на Приштина и средбата со премиерот, во Белград ќе разговара со српскиот претседател.. Foto: Reuters

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска во Белград ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ, а по посетата на Приштина, каде што ќе има работен ручек со косовскиот премиер Албин Курти и неговиот заменик Бесник Бислими.

По тој повод премиерката на Србија Ана Брнабиќ рече дека посетата на Лајчак во Белград е дополнителен вид на притисок врз Србија, а во рамките на зголемените дипломатски активности за решавање на косовоското прашање.

„Тоа не е чудно кога ќе погледнете во каква состојба е светот, војната во Украина, војната на истокот на Европа, најголемиот дел на Европа е посредно во војна, во тоа учествуваат и САД. Сега се големи тензии помеѓу САД и Кина. Никому не одговара било каков друг, следен нов потенцијален судир и нестабилност и сакаат да изгаснат било какви потенцијални жаришта“, рече Брнабиќ во изјава за државната Радиотелевизија на Србија (РТС).

Премиерката на Србија останува на ставот дека средбата на косовскиот премиер Курти со претседателот на Странка за демократска акција (СДА) на Санџак Сулејман Угљанин и претседателот на Партијата за демократско делување Шаип Камбери во Приштина е обид за дестабилизација на централна Србија.

„Тоа е еден од видовите на манипулација со Заедницата на српски општини, со барањето такво нешто да постои и на територијата на централна Србија. Тие две работи се потполно неспоредливи“, рече Брнабиќ.

Таа рече дека „во голема мерка е тажно тоа што го говорат некои претставници на албанското и бошњачкото национално мнозинство, со кои Владата на Србија има многу добра соработка“.

Брнабиќ рече дека верува во гаранциите на меѓународната заедница дека ќе биде формирана Заедницата на српски општини, но и наведе оти е свесна дека ќе има многу притисоци, манипулации и обиди да се избегнат договорените начела од потпишаниот договор.

„Верувам во гаранциите на меѓународната заедница, не знам на кој поинаков начин утре би гарантирале било кој нов договор, ако не успеат да гарантираат прв договор за нормализација на односите. Дали ќе биде лесно, нема да биде, дали ќе биде обиди за манипулација, верувам дека ќе ги има многу, како и дека многу пријатели на Приштина ќе настојуваат да ги избегнат начелата од 2015 година, но тие се на хартија, на тоа ќе инсистираме“, рече Брнабиќ.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, го посети Косово на крајот на јануари, кога разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти и главниот преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО).

Меѓународните претставници сметаат дека според Договорот од Брисел, Косово има обврска да формира Заедница на општини со српско мнозинство, додека претставниците на Приштина стравуваат дека оваа заедница ќе наликува на Република Српска во Босна и Херцеговина.

Косовскиот премиер Курти минатата недела постави шест услови за формирање на ЗСО, според кои оваа заедница не може да биде еднонационална, да биде во согласност со Уставот и законите на Косово, да има друго име, но не и извршни овластувања и да го вклучуваат принципот на реципроцитет меѓу државите во однос на правата на националните малцинства, според европските модели.

TRT Balkan / агенции
Популарни