Лидерите на „Отворен Балкан“ онлајн дебатираа за тековните предизвици    Фото: Влада на РСМ


Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама, посветен на интензивирање на соработката за заедничко надминување на потешкотиите околу снабдувањето со храна и енергија, како и за заедничко справување со можни пожари во трите земји летово.

Лидерите договориле создавање мешани меѓуресорски работни групи по кризните теми и со цел создавање заедничка агенција за привлекување странски инвестиции на „Отворен Балкан“, информираше прес-службата на Владата на Северна Македонија

Се истакнува дека на состанокот присуствувале и вицепремиерите за европски прашања и економски прашања на Северна Македонија, Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи, националниот координатор за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец, директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

„На почетокот на состанокот, премиерот Ковачевски се заблагодари за отворената поддршка која претседателот Вучиќ и премиерот Рама ја изразија во врска со модифицираниот европски предлог, информирајќи дека предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, претставена од француското претседателство со ЕУ, Владата ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија“, соопштија од Владата.

Рама и Вучиќ одделно ја повториле поддршката кон преземените активности на Ковачевски, односно отворањето на широки консултации со општествените чинители во државата, посочувајќи дека европската иднина на регионот е единствената добра опција за граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија.

На денешниот состанок, лидерите на иницијативата Отворен Балкан ја истакнаа важноста на преземените активности за искористување на регионалната поврзаност и овозможување на слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги, што веќе дава економски бенефити за сите граѓани.





TRT Balkan
Популарни