Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека „Туркије има легитимна загирженост за тероризмот на курдските групи.“
„Туркије има одредена разумна загриженост кога станува збор за прашањето за тероризмот извршен од курдските организации. Туркије плати висока цена за ваквите терористички акти“, рече Мицотакис во текот на вчерашната прес-конференција по Самитот на НАТО во Мадрид.
„Ова е нешто што не ни е тешко да го препознаеме“, рече тој, одговарајќи на прашање за трилатералниот Меморандум на Анкара со Шведска и Финска.
Потпишан во вторникот по разговорите меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и лидерите на двете нордиски земји и НАТО, договорот го отвори патот за Алијансата официјално да ги покани Финска и Шведска да се приклучат во нејзините редови.
Двете земји ветија дека ќе ја решат загриженоста за тероризмот на Туркије и ќе го укинат ембаргото за оружје за Анкара.
Исто така, се наведува дека Финска и Шведска тесно ќе соработуваат со Туркије за прашања поврзани со размена на информации, екстрадиција и, воопшто, за борбата против тероризмот.
Во врска со билатералните односи, Мицотакис рече дека Грција и Туркије мора да продолжат да разговараат за да ги решат меѓусебните прашања на „цивилизиран начин“.
„Мора да се сретнеме, мора да разговараме“, рече тој, мислејќи на турскиот претседател Ердоган.
„Мораме да се справиме со нашите разлики на цивилизиран начин, во рамки на добрососедските односи и со меѓународното право како единствена референтна точка. Не постои друга рамка на која можеме да се потпреме за да ги решиме нашите разлики“, додаде Мицотакис.
Според грчкиот премиер, Туркије не иницирала никакви прашања против Грција за време на Самитот.
Сепак, тој појасни дека на сите членки им било кажано дека украинската криза е главниот фокус на Самитот и дека нема простор за други дискусии кои би можеле да го дестабилизираат сојузот на друг фронт.
Авионите Ф-35 од САД
Кабинетот на грчкиот премиер вчера потврди дека Атина испратила официјално барање до Соединетите Американски Држави (САД) да купат 20 Ф-35, борбен авион произведен од американската одбранбена компанија „Локхид Мартин“.
Во Мадрид, Мицотакис рече дека Грција има намера „да се здобие со ескадрила од Ф-35, со можна опција за втора“.
„Испраќањето писмо со барање што се случи во изминатите неколку дена е дел од овој процес“, рече тој, додавајќи дека ова е првиот од повеќекратните чекори за договор.
„Грција очекува испораката на авионите да започне во 2027-2028 година“, рече премиерот.