Надежите за Северна Македонија од самитот на ЕУ сведени на минимум     Фото: АА

Мали шанси има за позитивен развој на настаните за Северна Македонија на самитот на Европската Унија (ЕУ) на 23 и 24 јуни. Песимистички се прогнозите на познавачите на приликите во Европската унија околу европерспективата на земјата и отстранување на бугарското вето за почеток на преговори и прва меѓувладина конференција. Упатените не очекуваат драматични промени во политиката на Бугарија ниту невообичаено силен ангажман на Брисел во периодот кој следува.

Политичка нестабилност во Бугарија

Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика од Скопје смета дека еден од главните фактори кој ќе влијае на тоа да нема значајни поместувања во блиска иднина е политичката нестабилност во Софија. Особено по оставките на неколкуте министри во бугарската Влада и непроменливите позициии на Бугарија за македонското прашање.

„Повеќе од очигледно е дека македонското прашање во Бугарија се користи од различните политички актери во корист на нивните политички агенди. Дополнително , ако ги погледнеме условите кои премиерот Петков ги спомена на средбата со канцеларот Шолц кои ја вклучуваат позицијата усвоена во бугарското Собрание, не гледам можност за позитивен исчекор”, вели Кацарска за ТРТ Балкан.

Нови избори дополнителен проблем?

Иако Кирил Петков со неколкумина „одметнати” пратеници од „Има таков народ” на Слави Трифонов успеа на кус рок да ги смири превирањата во Софија, сите опции се во игра-малцинска Влада, како и нови предвремени избори. Според Кацарска, неизвесно е дали пратениците од „Има таков народ” ќе обезбедат стабилност. Клучот како што вели е во бугарскиот премиер.

„Клучното прашање е дали Петков ќе има моќ и подготвеност да се спротивстави на екстремните сили кои се противат на било каков исчекор во пристапниот процес на Северна Македонија”, смета директорката на Институтот за европска политика.

Изборите како опција вели дека не се исклучени.

„Треба да бидеме подготвени на подолг период на нестабилност во Бугарија со оглед на нивната внатрешна поларизација. Со тоа и избори во догледен период”, истакнува Кацарска.

Макрон има други приоритети

Многумина во Северна Македонија се надеваат на поддршката на претседателот на Франција Емануел Макрон за македонската европерспектива и ангажман на Франција за решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, како што наведува Кацарска, Макрон има други приоритети како иднината на Европа, агресијата во Украина и односот со Русија.

Според неа, пристапниот процес на Северна Македонија за него е второстепено прашање. Дополнително Макрон го очекува втор круг на парламентарните избори, а Франција се наоѓа на крајот на претседателствувањето со ЕУ.

„Елисејската палата во своето официјално соопштение не упати нас и Бугарија отворените прашања да ги решаваме билатерално. Очекувано е дека има дипломатски активности во позадина, но мала е веројатноста дека ќе доведат до пробив”, изјави Кацарска во разговор за ТРТ Балкан.

Бугарија бара исполнување на три услови

По неодамнешната средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, бугарскиот премиер Кирил Петков ги повтори трите услови за Северна Македонија. Тоа се почитување на рамковната позиција на бугарскиот парламент, вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија и спроведување на Договорот за добрососедство.

TRT Balkan
Популарни