Опозициските републички и покраински пратеници и советници на градското собрание на Нови Сад утринава околу 7.30 часот го блокираа влезот на новосадската „Палата на правдата“, зградата во која се наоѓаат судовите и обвинителството и се обидоа да ги спречи вработените да влезат на работното место.
Полицијата интервенираше со опрема за разбивање на демонстраци и ги оттурна насобраните опозиционери од влезната врата на зградата на новосадскиот суд, а дел од вработените влегоа на нивното работно место со гласно негодување на опозицијата.
Претставниците на опозицијата се незадоволни што и по 18 дена од уривањето на натстрешницата на железничката станица, која однесе 15 животи, никој од одговорните за трагедијата не е кривично гонет, а во исто време има осум уапсени по протестите на кои се бараше одговорност на виновниците за најтрагичниот настан во историјата на Нови Сад од Втората светска војна.
Следеше неколкучасовно туркање на пратениците и советници со полицијата пред влезната врата, а на платото пред новосадската „Палата на правдата“ се собраа граѓани кои дојдоа да им дадат поддршка на претставниците на опозицијата, како и адвокати и судски службеници кои се обидоа да влезат во Судот.
Ваквата постапка на новосадската опозиција влијаела на функционирањето на судот, бидејќи некои рочишта биле откажани, а дел од вработените не влегле на своите работни места.
Реагираше и Министерството за правда, кое преку објава на својата страница на Инстаграм објави дека акцијата на пратениците и советниците во Нови Сад е „невидено попречување на правдата и попречување на работата на судот и обвинителството“.
„Пратениците и советниците на опозицијата не само што ја спречуваат работата на институциите, туку ја загрозуваат и безбедноста на обвинителите и судиите кои мора да бидат заштитени од полицијата. Нивниот притисок врз работата на обвинителите и судиите кои својата работа ја вршат согласно законот, а не по наредба на опозицијата, е недозволива. Трагедијата што се случи во Нови Сад, која однесе 15 животи, бара сеопфатна и темелна истрага. Секое влијание врз текот на истрагата, како и лицитирање за тоа колку време е потребно да се утврди кој е одговорен е обид да се уништи интегритетот на обвинителите на институциите на Република Србија“, соопшти Министерството за правда.
Претставниците на опозицијата бараат ослободување на сите приведени по протестот на 5 ноември и идентификување и кривично гонење на одговорните за падот на настрешницата на железничката станица, во која на 1 ноември загинаа 15 лица.
Двајцата тешко повредени се уште се под постојана медицинска нега во Универзитетскиот клинички центар во Војводина и се во тешка животна состојба.