На изборите во БиХ се гласаше за членови на Претседателството во кое членуваат тројца членови, еден од редот на бошњачкиот народ, еден од редот на српскиот народ и еден од редот на хрватскиот народ.     Фото: АА

Прелиминарните и непотполни резултати се однесуваат на 54,73 отсто обработени гласачки места во Федерацијата БиХ и 39,58 отсто обработени гласачки места во Република Српска.

На изборите во БиХ се гласаше за членови на Претседателството во кое членуваат тројца членови, еден од редот на бошњачкиот народ, еден од редот на српскиот народ и еден од редот на хрватскиот народ.

Претседателот на ЦИК БиХ Суад Амаутовиќ рече дека во изборот за членот на Претседателството од редот на бошњачкиот народ, кој се бира непосредно од територијата на Федерацијата БиХ (еден од двата ентитети во БиХ), обработени се 1.816 гласачки места (54,73 отсто). Тој наведе дека борјот на важечки ливчиња бил 518.583 (93,04 отсто).

Денис Беќировиќ во предност

Според овие податоци, кандидатот на опозицијата Денис Беќировиќ (Социјал-демократски сојуз - СДП), освои 162.053 гласови (55,78 отсто), кандидатот на Странка на демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ освои 114.186 гласови (39,31 отсто), а Мирсад Хаџикадиќ освои 14.269 гласови (4,91 отсто).

Комшиќ прогласи победа

Во изборот за член на Претседателството од редот на хрватскиот народ, кој се бира непосредно од територијата на Федерацијата БиХ, како што објави ЦИК, кандидатката на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Борјана Кришто освои 117.147 гласови (51,36 отсто), додека кандидатот на Демократски фронт (ДФ) Жељко Комшиќ освои 110.928 (48,64 отсто). Жељко Комшиќ веќе прогласи победа во трката за член на Претседателството на БиХ.

Цвијановиќ во предност

На подрачјето на Република Српска, обработени се 886 гласачки места (39,58), важечки ливчиња имаше 235.698 (93,30 отсто).

Жељка Цвијановиќ, кандидатката на Сојузот на независни социјал-демократи (СНСД) освои 121,731 гласови (51,65 отсто). Кандидатот на Српската демократска партија (СДС) Мирко Шаровиќ освои 86.797 (36,83 отсто) гласови, кандидатот на ДНС Ненад Нешиќ освои 13.869 гласови (5.88 отсто), кандидатот ан „Обединети за слободна Босна и Херцеговина“ Војин Мијатовиќ освои 10.182 гласови *4,31 отсто) и кандидатот Борислав Бијелиќ освои 2.119 гласови (1,32 отсто).

Излезност на изборите 50 %

Според податоците од ЦИК на општите избори одржани в недела, на 2 октомври, на гласачките места излегоа 1.644.044 граѓани на Босна и Херцеговина, или 50 отсто од гласачкото тело.

Според Избирачкиот список, право на глас имаа 3.368.666 гласачи, а нешто помалку од 70 илјади (69.872) добија согласност за гласање преку пошта од странство. На овогодишните избори во БиХ учествуваа 145 политички субјекти, од кои 90 политички партии, 38 коалиции и 17 незавизни кандидати.

Што сѐ се избира?

Директно се избираат членови на Претседателството на БиХ ( по еден од редовите на бошњачкиот, српскиот и хрватскиот народ), од кои два се од територијата на Федерацијата БиХ, а еден од Република Српска.

Директно се избираа и 42 пратеници во Пратеничкиот дом на Парламентот на БиХ, 98 пратеници во Пратеничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на БиХ и 83 пратеници во Народното собрание на Република Српска.

Гласачите од подрачјето на Федерацијата БиХ, избираа и нови пратеници во собранијата на десет кантони во рамките на ентитетот на ФБиХ, додека оние кои живеат во Република Српска одлучуваа за нов претседател и потпретседател на Република Српска.

Според одредбите на Изборниот закон на БиХ, Централната изборна комисија има рок месец дена за објава на конечни и потврдени резултати на изборите, а потоа почнуваат да течат роковите за воспоставување на новиот состав на Претседателството на БиХ и државниот и ентитетски парламенти како и општинските совети во Федерацијата.

Кога тие ќе се конституираат, следува втора фаза на изборниот процес, односно индиректен избор на пратеници во домовите на народите на федералниот и државниот парламент кои ги делегираат општинските совети односно ентитетските парламенти.

Индиректно ќе се избираат и претседател и два потпретседатели на Федерацијата БиХ.

TRT Balkan / агенции
Популарни