Рама со критики кон ЕУ: Билатералните историски прашања надвор од ЕУ     Фото: АА

Албанскиот премиер Еди Рама на својот официјален профил на социјалните мрежи го објави говорот одржан на средбата во Брисел во текот на Самитот ЕУ-Западен Балкан, при што нагласи дека на ниво на Европската унија не треба да се дискутира за билатералните историски прашања.

Со ова, тој алудираше на барањата на Бугарија со кои го попречува почетокот на преговорите на Северна Македонија, но и на Албанија.

Пофалби за Туркије за помошта во време на пандемија

Истовремено, Рама во својот говор објавен на социјални мрежи ја пофали Туркије (Турција) која во екот на пандемијата додели помош за земјите од Балканот, кои се соочуваа со недостиг на медицински материјали и вакцини за заштита од Ковид-19.

„Духот на проширувањето е трансформиран од заедничка визија на цела заедница во алатка за земање заложници за индивидуалните цели на земјите-членки. Процесот на проширување некогаш беше начин за негување на духот на заедничка Европа“, напиша Рама.

Говорејќи во контекст на ветото на Бугарија за Северна Македонија, Рама нагласи дека „Русија агресорот на Украина добива исклучително дарежлива, па дури и несакана помош од земја на НАТО, која дестабилизира друга земја на НАТО, поттикнувајќи повеќе гнев и незадоволство во регион како нашиот, кој можеби сè уште не е дел од ЕУ, но тој останува дел од Европа, каде што денес Владимир Путин ја гледа токму слабата алка за дополнително да го погоди европскиот поредок.“

Рама додаде дека идејата на францускиот претседател, Емануел Макрон, да ги собере сите заедно, во нова европска политичка заедница, „во моментов изгледа многу поперспективен рецепт од неисполнетите ветувања за проширување на Унијата.

Поддршка за иницијативата Отворен Балкан

Премиерот на Албанија во својот говор повика на недвосмислена поддршка на иницијативата „Отворен Балкан“.

„Отворен Балкан е најчистата артикулација на нашето чувство за припадност во Европа. Тоа е најсеопфатниот напор да се создаде област на мир, соработка и владеење на четирите основни слободи на ЕУ, гарантирајќи го слободното движење на луѓето, стоки, капитал и услуги во регион кој е опкружен со границите на ЕУ и е изложен на непријателите и безмилосните конкуренти на ЕУ“, рече Рама.


TRT Balkan / агенции
Популарни