Рама во Брисел: Бугарија не држи во заложништво пред очите на 26 држави     Фото: Edi Rama / Facebook

Не очекувам ништо да се реши во Бугарија, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама, во изјава пред новинарите во Брисел, во пресрет на Самитот на лидерите на Европската унија (ЕУ)-Западен Балкан. Тој пред новинарите збореше регионалната иницијатива „Отворен Балкан” и за почетокот на преговори за членство во ЕУ.

„Ви кажав и повторувам, и покрај избрзаниот оптимизам на некои овде во Брисел, не очекувам ништо да се реши во Бугарија, но во меѓувреме секако доколку се реши , тоа ќе биде мотив да се дише слободно од оваа ситуација каде една членка на НАТО држи во заложништво две земји на НАТО, во екот на жешка војна во дворот на Европа и под будното око на 26 други земји кои не правејќи ништо покажуваа страшна немоќ“, рече Рама.

Сличен коментар тој имаше и на Твитер.

Тој воедно посочи дека иницијативата „Отворен Балкан“ е вистинскиот одговор на оваа ситуација и според него „во нашиот регион ќе се создаде европски дух“.

Во меѓувреме, Рама по пристигнувањето во Брисел на социјалните мрежи објави фотографија со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Во коментар тој напиша „Чекајќи го Годо“, алудирајќи на чекањето на трите балкански држави пред вратите на Европската Унија.

За време на престојот во Брисел, Рама ќе има средби со високи претставници на Европската Унија, а заедничка прес-конференција најавија премиерот Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.

TRT Balkan
Популарни