Хрватска бара Западен Балкан да не биде изземен од санкциите на ЕУ кон Русија     Фото: Reuters

Осмиот пакет санкции на Европската унија против Русија ги влоши односите меѓу Србија и Хрватска и ги зголеми тензиите на состанокот на Европската политичка заедница во Прага. Она што беше најавувано во март, повторно се актуелизира во ноември. Како резултат на санкциите на ЕУ против Русија, Хрватска, како членка на Унијата најави дека ќе ја стопира испораката на руска нафта преку Јадранскиот нафтовод до Србија. Хрватска побара земјите од Западен Балкан да не бидат изземени од санкциите кон Русија. Конечната одлука е одложена за 1 декември.

Со овој потег на Хрватска, Србија се наоѓа во незавидна положба. Ако ова се реализира Србија ќе мора да бара друга алтернатива.

Сака ли Србија да седи на две столици?

Србија во потегот на Хрватска гледа отворен непријателски чин, a тоа во изјава го потврди и српската премиерка Ана Брнабиќ. Коментарите во Белград се дека санкциите против Русија се претвориле во санкции против Србија.

„Србија се казнува бидејќи бара правда за убиените деца. Ова е отворен акт на непријателство кон Србија. Не можеме да најдеме поевтина нафта од оваа, а очигледно не мораат ниту договорите да се почитуваат”, изјави Брнабиќ.

Ставот на Вучиќ е дека постои желба да и се наштети на Србија.

„Хрватска ја работеше својата работа. Онака како што ја работи од 1941 година. Ние ќе мора да се снајдеме наа друг начин да платиме повисока цена”, изјави Вучиќ.

Премиерот на Хрватска возврати дека Србија не може да седи на две столици.

„Имаме ситуација во која Србија ќе има евтина руска нафта која ќе дојде во хрватските пристаништа, преку Јадранскиот нафтовод ќе отиде во Србија, па во Србија поради дилот со Путин ќе имаат поевтина нафта. А ние што ќе бидеме тука? Некакви корисни будали?”, рече Пленковиќ.

Што предвидува договорот?

Србија има договори со „Јадрански нафтовод” или скратено „ЈАНАФ” за транспорт на големи количини нафта. Договорот склучен меѓу „Нафтена индустрија Србије” и „ЈАНАФ” за 2021 година, предвидува дека „НИС Србија” ќе ги користи капацитетите на „ЈАНАФ” за транспорт на 2,7 милиони тони нафта. Договорот за 2022 пак се однесува на транспорт на 3,2 милиони тони.

Доминантен сопственик на „ НИС Србија” е руски „Гаспром” и тоа е една од главните причини за санкциите.

Колку нафта Србија увезува од Русија?

Последните достапни податоци од надлежните институции говорат дека Србија произведува помалку од една третина од потребното количество нафта, односно 26,10 проценти. Останатото го увезува најголем дел од Ирак, потоа од Русија (33%) и од Казахстан (5–10%).

Алтернативи

Токму поради фактот дека „НИС Србија” е во сопственост на „Гаспром”, српските власти подолг период ја разгледуваат варијантата за откуп на сопствеништвото од руската компанија додека траат санкциите, а потоа да се врати. „НИС Србија” по последните одлуки се подготвува за преработка на „не-руска нафта“.

Тоа го најави и српската министерка за енергетика Зорана Михајловиќ која смета дека е можно 80 проценти од нафтата во „НИС Србија” да не е од Русија, а 20 проценти да се обезбедат со обработка на српската нафта „Велебит”.

Унгарија и Бугарија во повластена позиција

Сепак Унгарија и Бугарија се изземени од последниот пакет санкции на ЕУ кон Русија. Изземањето се однесува на транспортот на нафтата преку море и во случај на итни потреби, односно за овој транспорт не важи горната цена на нафтата која ќе ја договори ЕУ. Тоа го потврди и министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто.

Бугарија нема да се сочи со рестрикции во однос на работењето на „Лукоил”, кој ја има главната рафинерија. На ова остро реагираше српската премиерка Брнабиќ.

Со колкава добивка работи „ЈАНАФ”?

Во првите шест месеци од 20222 година „Јадранскиот нафтовод” остварил бруто добивка од 25,3 милиони евра и нето добивка од 20,7 милиони евра. Тоа е зголемување за 15,7 проценти во однос на истиот период минатата година.

Во структурата на вкупните приходи преовладува основната дејност на „ЈАНАФ” транспорт и складирање на нафта и нафтени деривати.

Чив е „ЈАНАФ”?

Претпријатието „ЈАНАФ” своите корени ги има во 1974 година во периодот на поранешна Југославија, Од тогашниот југословенски нафтовод „ЈУНАФ” подоцна настанал „ЈАНАФ”.

Во основањето на тогашниот нафтовод учествувале хрватска „ИНА”, „Енергоинвест” од Босна и Херцеговина и „НАФТГАС” од Нови Сад.

Сите се обврзале дека ќе инвестираат по 250 милиони тогашни динари. Но тоа било доволно за само 10 проценти од нафтоводот. Различните верзии на Хрватска, Србија и БиХ за тоа кој ги враќал кредитите се причина и денеска за разни толкувања за сопственоста на „ЈАНАФ”.

TRT Balkan
Популарни