Стратешки договори за стратешка соработка во Отворен Балкан     Фото: АА

Договор за соработка во полето на взаемно признавање на дипломи и научни звања, меморандуми за соработка во областа на културата, туризмот, даночната администрација.

Ова се документите на кои ставија потпис политичките челници на земјите од Северна Македонија, Србија и Албанија, во рамките на самитот „Отворен Балкан“ што се одржа во Охрид, а кои треба да ја имплементираат заедничката соработка на земјите во областа на образованието, културата, туризмот и даночната политика.

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, беше домаќин на состанокот на иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“ во Охрид, на која присуствуваа премиерот на Албанија Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, а на нив им се придружија и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Договор за признавање на дипломите и научните звања

При потпишување на договорите и меморандумите беше истакнато дека Договорот за соработка во полето на взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните институции и други овластени институции во трите земји ќе ја забрза постапката за прифаќање на дипломите и професионалните компетенции. Тоа е уште еден чекор повеќе кон заедничкиот пазар на трудот.

Овој договор го потпишаа Ковачевски, Вучиќ и Рама.

Договор за признавање на дипломите и научните звања     Фото: AA


Меморандум за соработка во културата

Меморандумот за соработка во културата го потпишаа министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, и вицепремиерката и министерка за култура и информирање на Србија, Маја Гојковиќ.

Една од целите на овој меморандум е креирање на календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.

Соработка на полето на туризмот

Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот го потпишаа министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, министерката за туризам и животна средина на Албанија, Мирела Кумбаро-Фурчи, и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот заеднички ќе биде промовиран регионот како атрактивна туристичка дестинација.

Соработка на полето на туризмот     Фото: AA

Соработка на даночните администрации

Потпишан беше и Меморандум за разбирање за соработка на даночните администрации од страна на раководителите на даночните институции на трите земји, со што се создава нова можност за полесно прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги.

Македонскиот премиер Ковачевски го оцени самитот „Отворен Балкан“ во Охрид како продуктивен и рече дека ќе придонесе за нов позитивен пресврт за регионот. Тој изрази уверување дека со отворањето на новите поглавја на соработка граѓаните ќе почувствуват нови економски и други бенефити. Информираше дека земјите учеснички во иницијативата се согласиле да соработуваат во справувањето со економската криза и недостигот на храна и енергија.

Рече дека овој самит е пресвртница и затоа што на него учествуваат претставници од Црна Гора и Босна и Херцеговина, иако овие земји сè уште не се дел од иницијативата „Отворен Балкан“.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, изјави дека разговорите меѓу лидерите ќе продолжат и во иднина. Најави дека ќе се одржи и видеоконференција, преку која експертите ќе се обединат во изнаоѓање на најдобри решенија и надминување на кризата која ѝ се заканува на цела Европа и светот во наредните шест месеци до една година.

Тој изрази задоволство што разговарале за изнаоѓање решенија за подобрување на животот на граѓаните, додавајќи дека резултатите нема веднаш да бидат видливи.

Вучиќ му се заблагодари и на албанскиот премиер Рама, велејќи дека без неговото лидерство „Отворен Балкан“ немаше да може да опстане.

Албанскиот премиер Рама истакна дека би сакал да бидат присутни лидерите на шесте земји, но додаде дека „Отворен Балкан“ нема да запре и нема да се затвори.

Тој нагласи дека соработката станува сè поважна и поради влошената криза со храна и енергија.

Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално опфаќа економска и политичка соработка меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, која има за цел да ги поттикне можностите за трговија и размена за околу 12 милиони луѓе, како и да ја поттикне интеграцијата на трите земји во Унијата.

TRT Balkan / агенции
Популарни