Европската политичка заедница е платформа за политичка координација на европските земји       Фото: Ројтерс

Европската Унија (ЕУ) ги покани лидерите на сите 27 земји членки плус 17 европски земји, вклучително и Туркије и земјите од Балканот, на првиот состанок на Европската политичка заедница.

„Поканите за состанокот потпишани од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала беа испратени денеска“, изјави официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен.

Лидерите ќе се состанат во чешкиот главен град Прага на 6 октомври.

Шефовите на државите на 27-те земји членки на ЕУ и 17-те европски земји ‒ Туркије, Велика Британија, Украина, Азербејџан, Ерменија, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија и Грузија ‒ се поканети да учествуваат.

Европската политичка заедница е платформа за политичка координација на европските земји, чија цел е „да ги собере лидерите од европските земји на еднаква основа и во духот на единството, идеално еднаш или двапати годишно“, рече претставникот.

Сите лидери ќе учествуваат на воведната сесија и на завршната вечера, ќе одржат билатерални разговори и ќе учествуваат во помали групи на дискусии на тркалезни маси на различни теми како што се безбедносната стабилност, енергетиката, климата, мобилноста и економијата.

Лидерите на ЕУ ќе одржат неформален самит следниот ден.

Домаќин на настаните ќе биде чешката Влада, која во јули го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија.

Францускиот претседател Емануел Макрон во мај предложи да се формира Европска политичка заедница со учество на земјите од ЕУ и соседите за решавање на заедничките политички и безбедносни предизвици.

AA
Популарни