Прес-конференција на претседателот на Србија Александар Вучиќ     Фото: АА

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека „Србите од северот на Косово веќе нема да трпат упади од косовските единици“ и дека косовските власти дале рок за пререгистрација на возилата на РКС таблиците до 30 септември.

Во тој контекст Вучиќ, во текот на своето синоќешно обраќање, рече дека ова „значи дека планираат општ напад на северот на Косово најдоцна до 1 октомври кој тие ќе го наречат како сакаат“ и наведе дека „како и секогаш, косовските Албанци ги поддржале претставниците на Квинтата“.

„Кога тие велат дека ќе ги казнат бидејќи на Србите не им дозволиле избори - лажат како и секогаш, бидејќи штом поднесат барање за влез во Советот на Европа тие велат: Добро, не налутија, но тие се наши, мораме да ги поддржиме кога веќе поднеле барање“, рече Вучиќ на прес-конференцијата по состанокот со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и другите регионални прашања на Западен Балкан.

Вучиќ истакна дека Американците се најмалку арогантни во однос на другите земји, членки на Квината.

Наведе дека трпи и слуша лаги 10 години и истакна дека не може повеќе да трпи „што тие мислат дека се многу попаметни“.

„Нема проблем, сега спроведувате гола сила, па да видиме до каде и како ќе спроведувате гола сила. Само да знаете дека не сте толку паметни и особено немојте да ни говорите за право и правда“, рече Вучиќ.

Нема дијалог и разговор

Тој рече дека е „јасно дека нема дијалог и разговор“ и дека Србија ќе гледа да го сочува мирот, но дека е очигледно дека некои други тоа не го сакаат, „не само Албанците од Косово, туку и нивните ментори.“

Вучиќ запраша „во кој акт на Обединетите нации пишува дека Косово е независно“ и поради што воопшто постои дијалогот.

„Кога Албанците нешто бараат и кога сите други нешто бараат, тогаш тоа е право на самоопределување кое го славите како демократско право, а кога Србите бараат било што тогаш тоа е сепаратизам и загрозување на мирот“, наведе Вучиќ.

Вучиќ оцени дека „ќе биде интересно и летото и есента“, ги замоли оние кои „диригираат“ со институциите во Приштина својата „ароганција само малку да ја спуштат, и да ги почитуваат правата на оние кои веќе ги убивале“ и нагласи дека се надева дека „не им паѓа на памет тоа да го повторуваат“.

„Ние, и ова ви го кажувам како претседател на Србија, буквално немаме веќе каде. Десет години се бориме да пронајдеме компромисно решение, десет години тие не сакаат компромисно решение, само сакаат понижување на Србија и само сакаат да се согласиме на она што тие веќе одлучиле. Никој ништо не ни нуди, никој не сака да разговара, само гледаат како да не понижат до крај, како да не остават без ништо и како да ни го протераат народот“, рече Вучиќ.

Тој рече дека одговорот на Србија ќе биде „трезвен, но вистинит“, додаде дека Србија „нема да презема никакви воени акции“ и апелираше „да не му се одзема имотот на српскиот народ“ и да не се обидуваат да ги протеруваат Србите.

Лајчак не присуствуваше на прес-конференцијата

Српскиот претседател и Лајчак требаше по заедничкиот состанок, заедно да се обратат до медиумите, но се одлучија Лајчак да не учествува на таа конференција.

Вучиќ објасни дека таквата одлука е донесена бидејќи му рекол на Лајчак дека ќе ја соопшти „вистината за се што се случува и какви се намерите на западните сили.“

AA
Популарни