Сонот на многу генерации се оствари на 8 септември 1991 година     Фото: TRT Balkan

Воен конфликт, ембарго, атентат врз еден претседател, друг загинат во авионска несреќа, обид за државен удар, инфлација, приватизација, сменето знаме и уставно име.

Низ сето ова мина државата која изминатите 31 година е позната под три имиња. Од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија до Република Северна Македонија. Земја која повеќе од три декади се спротивставува на различни оспорувања.

Референдум за независност

Исчекувања, неизвесност и страв од развојот на настаните во поранешна Југославија, но и копнеж и желба за остварување на сонот на многу генерации за самостојна македонска држава. Во ваква атмосфера пред 31 година беше организиран референдумот за независност. На 8 септември 1991 на гласање излегоа 1.132.595 граѓани. Огромно мнозинство мнозинство од нив 1.079.308 или 96,46 проценти гласаа ЗА самостојна Македонија, а ПРОТИВ беа 39.639 или 3,54 проценти. Претходно, на 25 јануари во собранието беше усвоена и Декларацијата за независност.

Тогашната Република Македонија успеа да ја напушти југословенската федерација без испукан куршум. Надвор од вртлогот на војните на поранешните ју простори.

Грција не сакаше да ја признае новата држава

Народот ја донесе одлуката, но веднаш започнаа и проблемите. Јужниот сосед Грција одби да ја признае новата држава. Се плашеше од наводни територијални претензии и не дозволуваше друга земја да има име како регионот во нејзини граници. Дури успеа и да ја издејствува Лисабонската декларација со која тогашната ЕЗ и наложи на новата држава во својот назив да го нема зборот Македонија. Следуваше и грчко ембарго и нафтена криза.

Сепак декларацијата не заживеа и државата во 1993 стана членка на Обединетите нации под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Во 1995 беа нормализирани односите меѓу двете држави и беше потпишана времената спогодба според која Поранешната Југословенска Република Македонија меѓу другото го смени и државното знаме.

Атентат, воен конфликт, Рамковен договор, авионска несреќа

Истата 1995, на 3 октомври се случи и атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров. Мотивите и сторителот се уште не се познати. Атентатот врз првиот македонски претседател и еден од најзаслужните што земјата по мирен пат ја обезбеди својата самостојност внесе дополнителна тензија не само во Северна Македонија туку и во целиот регион.

2001 со сигурност ја смени траекторијата по која државата се движеше до тогаш. Повеќемесечниот оружен конфликт однесе многу животи, а заврши со потпишување на Рамковниот договор на 13 август. Со овој договор требаше да им се стави крај на меѓуетничките тензии.

Три години потоа, во 2004, во авионска несреќа кај Мостар загина претседателот Борис Трајковски. Во несреќата животот го загубија и двајца членови на екипажот и осум членови на кабинетот.

Грчко вето, Преспански договор, прием во НАТО

Иако со времената спогодба од 1995 Грција беше обврзана да не го попречува македонското членство во меѓународни организации, на самитот на НАТО во Букурешт одлучи да стави вето. Дури 20 години потоа членството во северноатлантската Алијанса стана реалност. Северна Македонија стана 30 членка на овој сојуз.

На приемот му претходеше потпишување на Преспанскиот договор според кој новото име на државата за домашна и меѓународна употреба е Северна Македонија. Со овој договор во 2019 се стави крај на спорот со Грција кој траеше повеќе од две и пол децении.

Уставни измени

Измените на уставот предвидени со договорот беа ставени на референдум со прашање “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција”?

На гласање излегоа 666.743 граѓани. Од нив 609.813 или 94,18 проценти гласаа ЗА додека 37.700 или 5,82 проценти беа ПРОТИВ. Сепак одлуката на референдумот не беше усвоена бидејќи не гласале минимум 50 проценти + 1 од регистрираните гласачи во избирачкиот список. Се премина на гласање во собранието. Измените на Уставот беа усвоени откако за нив гласаа 80 пратеници.

Интеграција во ЕУ

Ако Преспанскиот договор беше услов за влез во НАТО, тогаш барањата на Бугарија се поставија како пречка за интеграција на земјата во ЕУ. Договорот за пријателство и добрососедство не беше доволен.

По низата бугарски барања за отстранување на ветото за Северна Македонија во ЕУ, вклучително и оние за македонскиот јазик и идентитет, се дојде до “францускиот предлог” за надминување на разликите. Парламентите во Скопје и Софија го прифатија и со тоа беше надмината едната пречка за одржување на првата меѓувладина конференција со Европска Унија.

За ефективен старт на преговорите со ЕУ, Северна Македонија треба да направи нови уставни измени со кои и Бугарите би биле составен дел на Преамбулата на Уставот.

Упад во Собранието на 27 април

Настаните во собранието на 27 април 2017 година за жал во најлошо светло ја покажаа поделеноста во македонското општество. Случувањата тој ден во Парламентот се квалификуваат и како обид за државен удар. Сликите од тепачките, раскрвавените глави и она што потоа се случуваше не можат лесно да се заборават.

Спортските успеси причина за обединување

Спортот е една од работите која ги обединува граѓаните изминатите триесет и една година без разлика на нација и вера. Двојната европска круна на Вардар во ракомет, онаа Кометал Ѓорче Петров уште во 2002, пласманите на кошаркарите и ракометарите меѓу најдобрите пет во Европа, настапот на фудбалерите на ЕП, олимпиското сребро на Дејан Герогиевски во Токио беа примери преку кои спортистите им покажаа на политичарите како најдобро се претставува државата.

TRT Balkan
Популарни