Пет моменти од Светските фудбалски првенства вредни за сеќавање / Фото: Мијалче Дургутов / Photo: Лична архива на Мијалче Дургутов

Мијалче Дургутов е долгогодишен македонски спортски новинар кој досега известувал од осум Светски фудбалски првенства. Љубовта и страста кон мундијалите кај Дургутов датира од неговата 12 година, односно од 1974 година, кога го собрал комплетниот албум на „Панини“ (Panini) за тогашното Светско фудбалско првенство во СП Германија во 1974 година.

„Оттогаш, па до денес во мојата приватна колекција ги имам сите албуми на Панини од сите одржани СП по 1974 година. Таа колекција полека ја наследува и надополнува син ми Петар кој ги собра последните два албума од Бразил и Русија, а сега го собира актуелниот за Катар“, раскажува Дургутов во интервју за ТРТ Балкан, во кое говори за најинтересните моменти кои ги доживеал за време на следењето на осум Светски фудбалски првенства.

Претстојниот Мундијал во Катар кој почнува денес, на 20 ноември, ќе биде 9-ти по ред за овој спортски новинар и голем љубител на втората споредна работа на светот.

Фантастичната игра на Марадона

Приказната во врска со следењето на Светските фудбалски првенства почнала во 1990 година кога како спортски новинар во спортската рубрика на весникот „Нова Македонија“ бил на СП во Италија.

„Тоа патување ќе го паметам додека сум жив по две работи: прво по фантастичната игра на Диего Армадо Марадона во дресот на Аргентина, и второ: по Франц Бекенбауер кој го освои Светското фудбалско првенство како селектор на Германија, а претходно како фудбалер и капитен го освои во 1974 година“, се присетува Дургутов и додава:

„Подоцна бев на СП во САД 1994 (21 ден до финале), Франција 1998 (известував од свеченото отворање до финалето), Јужна Кореја/Јапонија 2002 година (15 дена до финале), Германија 2006 (од свечено отворање до финале), Јужна Африка 2010 (од свечено отворање до финале), Бразил (25 дена почнувајќи од свеченото отворање и единствено финале кое не го гледав), Русија 2018 (од свеченото отворање до финале). “

Неапол 1990: Вриеше на трибините на полуфиналето Италија-Аргентина

Според Дургутов, фудбалската возбуда, средбите со познати личности од светот на фудбалот, присуството на ФИФА конгресите, интервјуата со фудбалери и тренери, свеченостите, се некои од моментите вредни за сеќавање.

„Во Неапол 1990 година го гледав полуфиналето Италија-Аргентина. Тогаш Марадона играше за Наполи, а сега мораше да игра против Италијанците. Кога излезе да се загрева на теренот, на стадионот изби „вулкан“ ! Марадона беше сакан, но и провоциран од италијанските тифози, истите кои се колнеа во него додека играше во „Калчото“. Вриеше на трибините.Тоа беше еден редок момент кој се случува еднаш во животот“, се присетува Дургутов.

Интервју со Стоичков: Пиши дека Златната топка ќе биде моја

„Второ нешто кое засекогаш ќе го паметам е интервјуто за неделниот спортски магазин СКОК со Христо Стоичков кое го направив во авионот на враќање од Њујорк до Софија, ден по финалето во САД 1994 година“, надополнува тој.

„Стоичков ме седна до него во авионот и ми даде ексклузивно интервју, прво негово како најдобар голгетер на „мундијалот“ САД 1994. Ми рече: „Пиши дека годинава Златната топка ќе биде моја!“...Тоа беше насловот во „СКОК“... И, навистина, таа година Христо Стоичков ја освои наградата на „Франс фудбал“ како најдобар фудбалер на Европа“, раскажува Дургутов.

Истата година во Лос Анџелес, имал средба и кусо интервју со Мишел Платини, поранешен француски фудбалер и тренер и некогашен претседател на УЕФА

„Го паметам и интервјуто со Сеп Блатер во Франција 1998 година кога со мене и десетина други новинари разговараше откако беше избран за претседател на тогаш одржаниот Конгрес на ФИФА“, истакнува Дургутов.

„Секој трет човек во Јоханесбург носеше пиштол“

На „мундијалот“ во Јужна Африка, каде присуствувал 40 дена, имал брифинзи со Жорж Веа, Фернандо Хиеро, Руд Гулит, Франц Бекенбауер, Карлос Переира ...

„Таму имавме ретка прилика да го видиме во живо Музејот на ФИФА, односно да ги видиме топките и копачките со кои се играло на СП од 1930 година, па се до таа 2010 година. Од тој мундијал паметам дека секој трет човек на улиците во Јоханесбург или во рестораните, продавниците, кафулињата ... носеше (мал) пиштол со себе“, додава Дургутов.

Бразил 2014: Виситински хаос на улиците на Сао Поало

На СП во Бразил во 2014 година заглавил на улиците на Сао Паоло каде се возел со кола полни 4,5 часа за да помине 7.5 километри и да ја подигне новинарската акредитација.

„Тогаш во Сао Паоло имаше штрајк на метрото и горе на улиците беше вистински хаос. Такво нешто никогаш претходно, ниту подоцна не сум видел. Истата година се капев на славната плажа Копакабана во Рио де Женеиро, и тоа среде зима“, се присетува Дургутов на доживувањата од „мундијалот“ во Бразил.

СП во Русија 2018: Средби со легендарните Хидинк и Гигс

Додава дека на последното СП во фудбал во Русија во 2018 година, имал средби со некогашните фудбалски мајстори, поранешниот холандски фудбалер и тренер Гус Хидинк и легендата на Манчестер Јунајтед, Рајан Гигс, кои имале новинарски акредитации и биле специјални известувачи на одредени телевизии.

Очекувања од Светското првенство во Катар

За Светското фудбалско првенство во Катар вели дека ќе биде многу поразлично од сите досега одиграни, а прогнозира дека новиот светски првак во фудбал ќе дојде од јужноамериканскиот континент.

„Нема тоа да биде некоја европска или за првпат некоја друга репрезентација која не е од Европа или Јужна Америка. Најмногу шанси му давам на Бразил кој може да состави „А“ и „Б“ тим од избраниците на селекторот Тите. Тука ја ставам и Аргентина, а како скриен тим за финалето ми е и Уругвај“, смета Дургутов.

Тој го искажа своето мислење во врска со очекувањата од репрезентациите на Србија и Хрватска, кои се единствените од регионот што успеаа да се пласираат на „мундијалот“ во Катар.

„Мислам дека Србија ќе стигне до четвртфиналето, а можеби и до полуфиналето. Тие имаат две извонредни личности и карактери, тоа се селекторот Драган Стојковиќ Пикси и голгетерот Александар Митровиќ. Влаховиќ е добар, но мислам дека нема да се изнаигра на овој „мундијал“ кој бара повеќе сила и физичка издржливост, отколку техника и дриблинг. За повеќе, ценам дека Србија нема сила и квалитет, а пред се континуитет да го издржи тој ритам на играње натпревари. Хрватска е годинава послаба од пред 4 години и мислам дека нивен краен домет е пласман во нокаут фазата. Модриќ и неговите другари се „изморени“ за нови успеси“, анализира Дургутов.

TRT Balkan
Популарни