Турскиот министер потсети дека во турската енергетска флота има четири брода за дупчење заедно со бродот „Абдулхамид Хан“.       Фото: АА

Турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, денеска изјави дека природниот гас што Туркије го откри во Црното Море ќе биде подготвена да го користи во март следната година.

„Се надевам дека ќе можеме да го користиме овој природен гас во првиот квартал на 2023 година, во март“, рече Донмез за пронајдениот природен гас од околу 540 милијарди кубни метри во гасното поле Сакарја во Црното Море.

Турскиот брод за сондажа „Фатих“ откри 405 милијарди кубни метри гас во јули 2020 година, по што следеше второ откритие од 135 милијарди кубни метри во јуни 2021 година. Двете откритија се значајни за Туркије, која зависи од скапиот увоз за да ги задоволи своите енергетски потреби.

„Воспоставуваме енергетска база на 2.200 метри под Црното Море. Завршено е длабинското поставување на цевките со должина од 120 километри, остануваат уште 50 километри“, додаде Донмез.

Тој напомена дека нуклеарната централа Акују е еден од мега проектите на земјата и дека Туркије е пред остварување на својот сон стар 60-70 години.

„Не можеме да дозволиме отстапувања од планираниот календар за изградба на нуклеарната централа Акују“, рече Донмез.

Тој исто така нагласи дека Туркије располага со резерви на рудата бор доволни за целиот свет за 500 години.

Турскиот министер потсети дека во турската енергетска флота има четири брода за дупчење заедно со бродот „Абдулхамид Хан“.

„Како дел од стратегијата на земјата за истражување на јаглеводороди, бродот за сондажа, „Абдулхамид Хан“, пристигна на својата прва дестинација, бунарот Јоруклер-1 близу брегот на јужната област Анталија“, потврди Донмез.

Бродот, за кој се вели дека е најмоќен од постоечката флота, ќе спроведува сондажни дупчења во Источниот Медитеран, додека другите бродови, „Јавуз“ и „Кануни“, ќе продолжат со операциите на сондажа во Црното Море.

Истражувачката мисија на „Абдулхамид Хан“ ќе трае два месеци, за што Донмез вети дека ќе сподели јавно доколку има одредени откритија.

AA
Популарни