Еден цивил загина, а тројца се повредени во областа на Москва по масовниот напад со беспилотни летала што Украина го изврши во текот на ноќта, објавија денес регионалните власти, јавува Анадолу.
Гувернерот Андреј Воробјов изјави дека најмалку 14 беспилотни летала биле соборени во пет града во Московскиот Регион, а најмногу е погоден Раменскоје.
Во Раменскоје има значителни оштетувања на повеќекатна станбена зграда, при што загина 46-годишна жена, а беа повредени три лица.
Полетувањата и слетувањата на аеродромите „Шереметјево“, „Домодедово“ и „Жуковски“ беа одложени или откажани, според онлајн страницата на која се следат летовите. Прес-службата на „Жуковски“ потврди дека во моментов аеродромот е затворен и за слетувања и за полетувања.
Руската Федерална агенција за воздушен транспорт најави привремени ограничувања на аеродромите „Внуково“, „Домодедово“ и „Жуковски“.
Пет лета на „Урал ерлајнс“ за Москва беа пренасочени на други аеродроми.
Во меѓувреме, московскиот градоначалник Сергеј Собјанин изјави дека биле пресретнати 10 беспилотни летала што се упатиле кон Москва.
„Службите за итни случаи моментно работат на местата каде што беа пронајдени остатоци од беспилотните летала“, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана во посебно соопштение потврди дека 144 украински беспилотни летала биле соборени во девет региони во текот на ноќта.
„Силите за противвоздушна одбрана уништија и пресретнаа 144 украински беспилотни летала, од кои 72 над Брајанск, 20 над Москва, 14 над Курск, 13 над Тула, осум над Белгород, седум над Калуга, пет над Воронеж, четири над Липецк и едно над Ориол“, се вели од Министерството.