Пред обраќањето на Генералното собрание на ОН, Ердоган имаше телефонски разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски.         Фото: АА

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во изминатите седум дена учествуваше на два важни самити, а на маргините на тие средби реализира интензивна дипломатија преку состаноци со бројни лидери на држави од целиот свет.

Ердоган ја започна својата седумдневна дипломатска турнеја со учеството на 22. Самит на шефови на држави на Шангајската организација за соработка, на кој присуствуваше на 15 септември како специјален гостин во узбекистанскиот град Самарканд, а турнејата ја заврши со учество на 77. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.

По пристигнувањето во Самарканд, Ердоган најпрвин оствари средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и со премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф.

Учесниците на Самитот на Шангајската организација за соработка го посетија комплексот „Вечен град“, а Ердоган во таа пригода разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, со иранскиот претседател Ебрахим Раиси, со претседателот на Азербејџан, Алиев, со таџикистанскиот претседател Имамали Рахман, со белорускиот претседател Александар Лукашенко и со други лидери.

Ердоган и одделно се сретна со рускиот претседател Путин, а вниманието на светската јавност најмногу го привлече фотографијата на која Ердоган разговара со лидерите кои беа на масата, а меѓу нив Алиев, Путин и Лукашенко.

Турскиот лидер на маргините на Самитот на 16 септември разговараше и со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Ердоган потоа се состана со претседателот на Монголија, Ухнаагин Курелсух и одржа впечатлив говор на добро посетениот самит на Шангајската организација за соработка. Ердоган во говорот наведе дека позицијата на Туркије како мост меѓу Истокот и Западот нуди невидени можности и ја нагласи спремноста за соработка во сите области.

По седницата, Ердоган го прими индискиот премиер Нарендра Моди и одржа билатерални состаноци со претседателот на Узбекистан, Шевкет Мирзијојев, со рускиот претседател Владимир Путин и со иранскиот претседател Ибрахим Реиси. Во текот на состаноците разговарано е за билатералните економски односи, како и за регионални прашања, војната помеѓу Русија и Украина и мировните напори на Туркије.

Интензивната дипломатија на Ердоган продолжи во САД

По завршувањето на работната посета на Узбекистан, турскиот претседател пристигна во Њујорк каде што учествуваше на 77. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).

Во таа пригода Ердоган одржа и низа состаноци со шефови на неколку држави, на влади и на меѓународни организации.

Некои од тие средби се одржаа во зградата на ОН, а Ердоган бројни соговорници прими и во Турската куќа („Туркеви“) во Њујорк, импозантниот 36-катен облакодер кој се наоѓа пред седиштето на ОН, во којшто се сместени бројни турски дипломатски мисии и каде што се одвиваат разни културни и општествени настани.

Меѓу официјалните претставници со кои Ердоган се сретна во „Туркеви“ беа јорданскиот крал Абдула Втори, претседателот на Либискиот претседателски совет, Мухамед ал Менфи, претседателот на Претседателскиот совет на Јемен, Решад Мухамед ал Алими, претседателот на Гватемала, Алехандро Едуардо Џаматеи Фала, премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили, германскиот канцелар Олаф Шолц, израелскиот премиер Јаир Лапид и јапонскиот премиер Кишида Фумио.

Пред обраќањето на Генералното собрание на ОН, Ердоган имаше телефонски разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Во обраќањето на Генералното собрание на ОН, на дневниот ред на Ердоган беше вклучена турската надворешна политика, војната меѓу Русија и Украина, коридорот за жито отворен преку напорите на Туркије, сигурноста во обезбедувањето храна, војната во Сирија, провокативните практики на Грција против Туркије, борбата против тероризмот и прашањето за Источниот Медитеран. Во својот говор Ердоган упати и порака за неопходноста од реструктуирање на ОН и ги повтори зборовите дека „светот е поголем од пет“ и дека „поправеден свет е можен“.

По обраќањето на Генералното собрание, Ердоган во седиштето на ОН оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со финскиот претседател Саули Нинисто, со киргистанскиот претседател Садир Капаров и со шпанскиот премиер Педро Санчез.

Ердоган во „Туркеви“ беше домаќин и на претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино.

Во седиштето на ОН турскиот претседател разговараше и со катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамед ал Тани, со претседателот на Казахстан, Касим Комерт Токаев, со претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеул и со премиерката на Бангладеш, Шеика Хасина.

Ердоган се состана и со претседателот на Турската Република Северен Кипар, Ерсин Татар, со претседателот на Австрија, Александар Ван дер Белен и со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Разговараше и со британската премиерка Лиз Трас и со либанскиот премиер Неџип Микати.

Ердоган присуствуваше и на вечерата на Турско-американскиот национален управен одбор, се сретна со турски граѓани кои живеат во САД, како и со претставници на покровителски организации на американската еврејска заедница и истакнати деловни луѓе. Ердоган беше домаќин и на американските сенатори Линдзи Греам, Крис Кунс и Џејмс Риш.

AA
Популарни