Украина ја потврди размената, при што висок украински функционер рече дека рекорднен број од 215 затвореници биле разменети со Русија       Фото: АА

Украина и Русија размениле повеќе од 200 воени заробеници како резултат на посредништвото на Туркије и дипломатските напори што ги спроведува со претседателите на Русија и Украина, објави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган им рече на новинарите во Њујорк во средата дека размената на затвореници под посредство на Туркије е „важен чекор“ кон ставање крај на конфликтот меѓу двете земји.

„Исто така, би сакал да им се заблагодарам на сите мои пријатели кои придонесоа за овој процес“, рече тој заблагодарувајќи им се на својот руски колега Владимир Путин и на украинскиот лидер Владимир Зеленски.

Ердоган рече дека турските напори за воспоставување мир меѓу Русија и Украина продолжуваат.

Украина ја потврди размената, при што висок украински функционер рече дека рекорднен број од 215 затвореници биле разменети со Русија, вклучително и борци кои ја водеа одбраната на челичарницата Азовстал во Мариупол, која стана икона на украинскиот отпор.

„Успеавме да ослободиме 215 луѓе“, објави на телевизија началникот на кабинетот на украинското претседателство, Андриј Јермак.

Размената се случила на украинска територија, освен петмина затвореници кои всушност биле донесени во Туркије за да бидат префрлени во Украина, објави ТРТ Ворлд известувајќи од Анкара.

Украина и САД со пофалби за Туркије

Украинскиот претседател Зеленски подоцна изјави дека 215 украински и странски државјани биле ослободени од Русија во размена на затвореници.

Зеленски рече дека Украина вратила 55 Руси и промосковски Украинци, меѓу кои и Виктор Медведчук, поранешен лидер на украинска проруска опозициска партија и близок соработник на рускиот претседател Путин.

Зеленски, исто така, му се заблагодари на турскиот претседател Ердоган за помошта и рече дека петмина високи украински команданти ќе останат во Туркије „до крајот на војната“.

„Киев имаше долга и тешка борба за да обезбеди ослободување на петмината“, рече тој.

Во Туркије остануваат потполковник Денис Прокопенко, командант на баталјонот Азов, кој водел голем дел од борбите, и неговиот заменик Свјатослав Паламар. Ослободен е и Серхи Волински, командант на 36-та поморска бригада.

Украинското Министерство за внатрешни работи објави и слики од петмина свои војници заробени од Русија. Тие беа донесени во Туркије пред да се префрлат во Украина.

Немаше моментален коментар од Москва за договорот.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, исто така, ја пофали иницијативата на Туркије која резултираше со размена на затвореници.

„Би сакал да и се заблагодарам на турската влада што помогна да се олесни размената на затвореници меѓу Украина и Русија, [и] за нивното лидерство во договорот за жито“, рече Саливан.

Мировната дипломатија на Туркије

Посредувањето на Туркије резултираше со две големи средби меѓу министрите за надворешни работи на завојуваните страни во Анталија. Напорите на Анкара, исто така, доведоа до историски договор за жито што беше потпишан во Истанбул, помагајќи да се избегне глобална криза со храна.

Договорот за жито, постигнат со посредство на Туркије, дозволува украинските земјоделски производи да се транспортираат од Црното Море преку Истанбулскиот теснец, стигнувајќи до други делови на земјината топка.

„Оваа размена на [заробеници], што се случи како резултат на интензивните дипломатски напори на нашиот претседател, е еден од најважните резултати на мировната дипломатија што ја води нашата земја“, рече портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин.

TRT Balkan / агенции
Популарни