Ердоган: САД да ги напуштат областите на Сирија источно од реката Еуфрат     Фото: АА

Соединетите Американски Држави (САД) треба да ги повлечат своите сили од регионите на Сирија источно од реката Еуфрат, како дел од Мировниот процес за Сирија во Астана, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Америка мора сега да замине [од подрачјата] источно од Еуфрат. Ова е исходот што произлезе од Процесот во Астана“, рече Ердоган, еден ден по Самитот на Процесот Астана со рускиот и иранскиот претседател, нагласувајќи дека неговите партнери од процесот се согласуваат со оваа проценка.

„И Туркије го очекува ова, бидејќи Америка е таа што ги храни терористичките организации таму“, изјави Ердоган за новинарите на враќање кон Туркије, мислејќи на терористичката организација ЈПГ/ПКК, со која САД соработуваат под изговор дека се борат против терористите на ДЕАШ.

Повторувајќи ја можноста за уште една турска антитерористичка операција преку нејзината јужна граница во северните делови на Сирија, по останатите успешни операции во последните години, Ердоган нагласи дека нова операција ќе биде на масата сѐ додека не се решат долгогодишните грижи на Анкара.

„Гледате дека американскиот [воен] персонал таму обучува припадници на терористичката организација (ЈПГ/ПКК)“, истакна тој.

„За време на оваа обука тие таму го веат знамето на режимот. Зошто?“

„Нивната работа таму е да вршат терористички чин против турските војници. И мислат дека ја мамат турската војска со веење на режимското знаме таму. Нема да бидеме измамени“, порача Ердоган.

Терористите на ЈПГ/ПКК периодично изведуваат обиди за напади врз турските војници во делови на северна Сирија под контрола на опозицијата; војниците се стационирани таму за да го одржуваат мирот долж границата и да го заштитат локалното население од терористите.

Туркије долго време ги критикува САД кои соработуваат со ЈПГ/ПКК наводно против ДЕАШ, нагласувајќи дека користењето на една терористичка организација за борба против друга е бесмислена.

ПКК се наоѓа на листата терористички организации во Туркије, Европската Унија и САД и е одговорна за смртта на 40.000 луѓе, меѓу кои и жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.

Кандидатурите на Шведска и Финска за приклучување во НАТО

Ердоган истакна дека Туркије нема да има позитивен став за кандидатурите на Шведска и Финска за пристапување во НАТО доколку тие не ги исполнат ветувањата во однос на борбата против тероризмот.

„Многу јасно им ги објаснивме нашите услови на Финска и Шведска на масата каде што беше присутен и генералниот секретар на НАТО. Нема ништо скриено. Нашиот услов е овие земји да ги прекинат активностите и демонстрациите на терористичките организации и да ги екстрадираат терористите“, порача турскиот претседател.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за приклучување кон трансатлантската Алијанса во јуни, одлука поттикната од руската војна во Украина.

Но Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за кандидатурите за нивно членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.

Трилатералниот договор потпишан меѓу земјите во јуни предвидува Финска и Шведска да не даваат поддршка за ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на ПКК, ниту за терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот обид за пуч во Туркије во 2016 година, и во него се наведува дека Анкара дава целосна поддршка на Финска и Шведска против заканите за нивната национална безбедност.

Продажбата на воените авиони Ф-16 на Туркије

За амандманот на Претставничкиот дом на САД за ограничување на продажбата на авионите Ф-16 на Туркије, Ердоган рече: „Кога разговаравме за овие прашања со [американскиот претседател Џо] Бајден, тој не ни наметна таков „Грција“ услов. Напротив, за време на нашиот состанок рековме дека како земји членки на НАТО мораме заемно да ги штитиме законите. ’Ќе дадам сѐ од себе‘, рече тој за Ф-16.“

„За жал, во моментов, во Претставничкиот дом има такви кои се противат. Кога ќе ги видиме моменталните случувања, според мое мислење, таков услов не е обврзувачки за нас“, рече Ердоган.

Претставничкиот дом на САД минатата недела одобри закон што ќе создаде нова пречка за планот на американскиот претседател Џо Бајден за продажба на борбените авиони Ф-16 на Туркије.

Амандманот што го предложи конгресменот од Њу Џерси, Френк Палоне, усвоен е со 244 гласа „за“ и 179 „против“.

Тој забранува продажба или трансфер на Ф-16 и комплети за модернизација на Анкара, освен ако претседателот не потврди дека трансферот е во корист на националните интереси на САД, и не му гарантира на Конгресот дека во 120 дена пред трансферот турската власти „не го прекршиле суверенитетот на Грција, вклучително и преку територијални прелети“.

Извоз на украинско жито

Ердоган ги потсети новинарите на договорот постигнат минатата недела по четирилатералните преговори меѓу турските, украинските, руските претставници и официјалните претставници на ОН одржани во Истанбул за реализирање на извозот на украинското жито.

„На техничкиот состанок одржан во Истанбул минатата недела беше постигнат договор за главните точки на процесот според планот на ОН“, рече Ердоган.

„Сега оваа недела сакаме да го поврземе овој меморандум во пишан текст. Се надеваме дека планот ќе започне да се имплементира во наредните денови. Процесот ќе се спроведе од координативен центар што ќе се формира во Истанбул“, истакна турскиот претседател.

Тој, исто така, рече дека Туркије продолжува со интензивните напори за финализирање на чувствителниот процес, кој е од клучно значење во однос на глобалната обезбеденост со храна.

AA
Популарни