Ердоган:Туркије може да одговори поинаку на кандидатурата на Финска за НАТО / Photo: AA

Туркије би можела поинаку да одговори на кандидатурата на Финска за НАТО, што би можело да ја шокира Шведска, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Можеби ќе одговориме поинаку на Финска, ако биде потребно. Шведска би била шокирана ако поинаку одговориме на Финска. Но Финска не треба да ја направи истата грешка“, рече турскиот претседател Ердоган на состанокот со младите во турската област Билеџик.

Анкара на Шведска ѝ даде список од 120 лица за екстрадиција на Туркије, рече Ердоган, и додаде „мора да ги испорачате овие терористи за да можете да влезете во НАТО“.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за придружување на НАТО минатиот мај, напуштајќи го повеќедецениското воено неврзување, одлука поттикната од руската војна Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.

Меѓутоа Туркије, која е членка на НАТО над 70 години, изнесе приговори, обвинувајќи ги двете држави дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации, ПКК и терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во Туркије на 15 јули 2016 година.

Минатиот јуни, Туркије и двете нордиски држави потпишаа меморандум на самитот на НАТО за да се посветат на легитимната безбедносна загриженост на Анкара, отворајќи го патот за нивното членство во Алијансата.

Во меморандумот, Шведска и Финска се согласија дека нема да даваат поддршка за ЈПГ/ПЈД и ФЕТО, дека ќе ги спречат сите активности на терористичките организации, ќе ги екстрадираат осомничените за тероризам, ќе воведат нови закони за казнување на терористичките злосторства, како и дека повеќе нема да спроведуваат национално ембарго за оружје меѓу трите држави.

Иако го усвои Законот за измена на Законот за борба против тероризмот и укинување на ембаргото за оружје за Туркије, Шведска допрва треба да исполни делови од договорот кои се однесуваат на спречување на терористичките активности и екстрадиција на осомничени за тероризам во Анкара.

За палењето на Куранот во Шведска, Ердоган рече:

„Дали тие го избришаа исламот со палењето на нашиот Куран? Само покажаа колку се неблагородни. Данска го направи истото.“

Расмус Палудан, лидерот на екстремно десничарската данска партија Цврст курс (Страм Курс), во петокот под полициска заштита го изврши провокативниот чин на палење на светата книга Куранот пред џамијата во Копенхаген, главниот град на Данска.

Исламофобниот чин уследи неколку дена откако под полициска заштита во центарот на Стокхолм пред турската Амбасада беше одржан собир каде данскиот екстремистички политичар Палудан го запали Куранот.

Осуди пристигнаа од сите страни, а и од шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој ги осуди постапките на Палудан како „длабоко непочитување“.

Осврнувајќи се на односите со Русија, Ердоган рече дека постои меѓусебно почитување во односите на Туркије со Русија.

„Иако моментално не можеме да го постигнеме посакуваниот резултат на северот на Сирија, ние велиме дојдете, ајде сега да одржиме трипартитни состаноци. Ајде да разговараме на овој начин и мирот во регионот ќе дојде“, рече турскиот претседател.

Претходно Ердоган истакна дека и лидерите на Туркије, Русија и Сирија би можеле да се сретнат на разговори за мирот и стабилноста во Сирија.

Иако сè уште не е објавен датумот или локацијата, се очекува министрите за надворешни работи на тројката да одржат состанок кој би означил уште едно високо ниво на разговори од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година.

Ердоган го повтори и својот повик до САД да го одржат ветувањето за борбените авиони Ф-35.

„Што се однесува до Ф-16, ние го сакаме ова од вас, но вие тоа не го давате. Рековте Ф-35, но не го одржавте зборот. Иако плативме околу 1,4 милијарди долари, вие не давате нешто за возврат“, рече турскиот претседател Ердоган.

Турско-американските односи се затегнати во последните години поради американската поддршка на терористичката организација ЈПГ/ПКК во северна Сирија и несогласувањата околу купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400 од страна на Туркије во 2017 година.

Анкара тврди дека борбените авиони ќе ја зајакнат не само Туркије, туку и НАТО.

AA
Популарни