Изборите во САД се можност да се разгледаат „погрешните пристапи“ на американската влада, изјави во четвртокот портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Исмаил Багеи за државните медиуми, откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во средата.
Враќањето на поранешниот претседател Доналд Трамп во Белата куќа може да значи построго спроведување на американските нафтени санкции против Иран, кои тој ги воведе во 2018 година по повлекувањето од нуклеарниот договор меѓу Техеран и глобалните сили.
„Имавме горчливи искуства со минатите политики и пристапи на различни влади на САД. Изборите се можност да се преиспитаат погрешните пристапи од минатото“, изјави Исмаил Багеи.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во септември изјави дека Техеран е подготвен да стави крај на својот нуклеарен ќор-сокак со Западот, кој го обвинува за развој на способности за нуклеарно оружје.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е само за мирољубиви цели.
Претседателот во заминување Џо Бајден се обиде да го оживее иранскиот нуклеарен договор во преговорите, но не успеа да постигне нов договор.
Трамп не кажа дали повторно ќе го отвори ова прашање.
„Она што е важно за Иран ќе биде како ќе ги оцениме потезите на американската влада“, додаде Багеи.