Израел од 23 септември започна масовни воздушни напади низ Либан, при што загинаа повеќе од 1.073 луѓе / Photo: Reuters

Израел изврши нови воздушни напади во јужното предградие на либанската престолнина Бејрут утринава, откако издаде наредба за евакуација на жителите.

Воените авиони извршија напади во неколку населби во јужен Бејрут, вклучувајќи ги Харет Хреик, Кјах, Чуеифат, Ер-Руаис и Џамус, информираше дописникот на Анадолу.

Нема информации за жртви или материјална штета.

Нападите следуваа по наредбата на израелската Армија до цивилите да ги напуштат зградите што наводно ги користела либанската група Хезболах во јужното предградие на Бејрут.

Портпаролот на Армијата на арапски јазик, Авичај Адрае, објави мапи заедно со наредбата, барајќи од жителите да се дистанцираат на најмалку 500 метри од локациите.

Последните напади се случија набргу откако Иран истрела околу 180 балистички проектили врз Израел во услови на зголемени тензии меѓу двата регионални ривали.

Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) соопшти дека нападот бил одговор на атентатите на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, и командантот на ИРГЦ, Абас Нилфорошан.

Ханије беше убиен во напад во Техеран во јули, додека Насрала и Нилфорошан беа убиени во воздушен напад во либанскиот главен град Бејрут минатата недела.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Иран направил „голема грешка“ со својот ракетен напад и „ќе плати за тоа“.

Израел од 23 септември започна масовни воздушни напади против, како што ги нарекува, цели на Хезболах низ Либан, при што загинаа повеќе од 1.073 луѓе, а беа повредени над 2.950 други, според либанското Министерство за здравство.

Највисокото раководство на Хезболах беше убиено во израелските напади.

Израелската Армија рано во вторникот соопшти дека започнала копнени операции против цели на Хезболах во јужен Либан. Хезболах е главен сојузник на Иран.

Хезболах и Израел се вклучени во прекугранична војна од почетокот на израелската војна против Газа, во која загинаа повеќе од 41.600 луѓе, повеќето жени и деца, по нападот на палестинската група Хамас во октомври минатата година.

Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го претворат конфликтот во Газа во поширока регионална војна.

AA
Популарни