Израелската армија рано во вторникот уби Палестинец за време на судирите со локалното население на централниот окупиран Западен Брег, откако ги урна домовите на палестински затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
Официјалната палестинска новинска агенција Вафа, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека израелската армија извршила рација во домот на уапсениот Ајсар Баргути во населбата Ал-Тира во Рамалах и во станот на Калед ал-Каруф во градот Ал-Бирех, по што ги уништила двете куќи.
Рациите предизвикаа судири меѓу Палестинците и израелската армија во двата града, што резултираше со смрт на Палестинец, идентификуван како Моатаз Сарсур, и со повреди на уште тројца.
Баргути и Ал-Каруф беа уапсени од израелските сили на 8 јануари, обвинети дека отвориле оган врз израелските доселеници во јули минатата година.
Израелските власти одржуваат политика на уривање на домовите на Палестинците обвинети за напад на израелски војници и доселеници, практика која нашироко се осудува како форма на колективно казнување забранета според меѓународното право, бидејќи честопати раселува цели семејства.
Во последниве години, израелската војска спроведуваше редовни рации на Западниот Брег, кампања што се интензивираше по избувнувањето на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците, исто така, се соочија со зголемено насилство од илегалните израелски доселеници.
Од почетокот на конфликтот, според палестинското Министерство за здравство, загинаа најмалку 624 Палестинци, а речиси 5.400 други се повредени од оган на израелската армија на окупираните територии.
Во значајно мислење издадено на 19 јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на палестина од страна на Израел за „нелегална“ и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.