Пекинг повика на прекин на огнот преку преговори и решенија      Фото: Ројтерс

Кина во средата повика на прекин на огнот во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна воена мобилизација, што се смета за ескалација на војната што започна во февруари.

Пекинг повика на прекин на огнот преку преговори и решенија кои се однесуваат на безбедносните грижи на сите страни, изјави Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, објави кинескиот Глобал тајмс.

„Треба да се цени разумната загриженост за безбедноста на секоја земја и треба да се поддржат сите напори што водат кон мирно решавање на кризата. Кина повикува на дијалог и консултации за да се премостат разликите“, рече Ванг.

Рускиот претседател Владимир Путин во средата издаде наредба за делумна воена мобилизација во Русија, поддржувајќи го предлогот на Министерството за одбрана и Генералштабот.

Овој потег доаѓа еден ден по најавата за референдум во украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, чии делови се под контрола на Русија.

Путин рече дека тој веќе го потпишал соодветниот декрет и дека се започнати активности за мобилизација.

Сергеј Шојгу, рускиот министер за одбрана, рече дека мобилизацијата се спроведува за да се контролираат „веќе ослободените територии“ и дека ќе бидат повикани околу 300.000 резервисти.

Британскиот министер за одбрана Бен Валас ја опиша наредбата за делумна мобилизација на рускиот претседател Владимир Путин и нелегалната анексија на делови од Украина како „признание дека неговиот план во Украина пропаѓа“.

AA
Популарни