Од почетокот на војната имаше повеќе размени на војници и цивили меѓу Русија и Украина     Фото: АА

Размената на заробеници e карактеристична за воените конфликти, но ја има и во мирнодопски услови. Завојуваните страни ја користат за да добијат разузнавачки информации, во своите редови да ги вратат припадниците кои спротивната страна ги држи во заробеништво или притвор или пак за пропагандни цели. Често пати на размената на заробеници и претходат и мировни договори.

Ја применувале, држави, армии и паравоени формации. Во склоп на најголемите размени се разменувале војници, странски платеници, припадници на државни служби за безбедност, политички затвореници, но и цивилно население. Може да се одвива преку директни преговори или преку посредници.

Туркије иницираше размена меѓу Русија и Украина

Русија и Украина неодамна на иницијатива на Туркије се договорија за размена на 200 затвореници. Во неа беа вклучени воени команданти, предводници на акциите за одбрана на клучни позиции во Украина, поранешни украински пратеници блиски до Владимир Путин. Русија доби назад 55 заробеници.

Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган размената е резултат на дипломатските напори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Влaдимир Зеленски. Ердоган истакна дека размената на заробеници е важен чекор кон ставање крај на војната и дека продолжуваат напорите за воспоставување мир меѓу Русија и Украина.

Исто така деновиве десет заробеници меѓу кои и еден хрватски државјанин кои се бореа на украинска страна беа ослободени од страна на руските сепаратисти во Украина. Тука своја улога имаше и престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман. Меѓу ослободените заробеници имаше државјани и на Шпанија, САД, Мароко.

Од почетокот на војната имаше повеќе размени на војници и цивили меѓу Русија и Украина. Двете страни не ја потврдуваа секогаш размената. Првата размена се случи во март кога девет руски војници беа разменети за градоначалникот на Мелитопољ.

Размена илјада за еден

Светот ја памети и размената од 2011 година меѓу израелските и палестинските власти. За припадниците на Хамас да го ослободат израелскиот војник Гилад Шалит Израел мораше да ослободи околу илјада палестински затвореници.

Галид беше држен во заробеништво пет години. Договорот за размена го претстави тогашниот премиер Бенјамин Нетанјаху. Преговорите беа водени со посредство на Египет.

714 Хрвати за 240 Срби

Во 1992 година била извршена најголемата размена на воени заробеници меѓу тогаш завојуваните Хрватска и СР Југославија. Од собирните центри во СР Југославија биле ослободени 714 хрватски затвореници. Од хрватските затвори биле ослободени 240 Срби.

Тревор Рид - Константин Јарошенко

После долги преговори САД и Русија во април годинава се согласија за размена на Тревор Рид и Константин Јарошенко. Рид беше осуден во Русија во 2019 година поради напад на двајца руски полицајци кои биле повикани поради вознемирување од гласна музика на забава. Му беа одредени девет години затвор. Јарошенко во мај 2010 година во Либерија го уапсија припадници на американската тајна служба. Обвинет бил за трговија со дрога поврзана со одредени случувања во Колумбија.

Размената се случи на аеродром во Туркије. Двајцата заробеници облечени во црно во исто време преминаа на различна страна.

Мостот на шпионите

САД и Русија и за време на Студената војна склучиле повеќе договори за размена на воени заробеници. Мостот Глиенике во Берлин е познат по тоа што на него се случиле повеќе размени на заробени шпиони. Познат е и под називот „Мост на шпионите“. Мостот се наоѓе на реката Хавел и претставувал граница меѓу Потсдам и секторот Западен Берлин.

Првата размена на заробеници на мостот се случила во 1962 година. Американците го ослободиле Рудолф Албел осуден за шпионажа во корист на СССР во замена за Гери Пауерс, пилот на шпионски авион.

Женевска конвенција

Третманот на воените заробеници е меѓународно правно регулиран. И тоа со еден од четирите договори во рамки на Женевската конвенција. Третата Женевска конвенција за постапување со воените заробеници ги штити припадниците на вооружените сили кои се заробени, содржи правила за постапување и ги регулира правата и обврските на оној кој ги држи во заробеништво.

TRT Balkan
Популарни