Го нарекувам прекин на огнот затоа што не ја прогласив војната за завршена, рече Хетанјаху / Photo: Reuters

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот изјави дека ѝ дал инструкции на израелската армија да се подготви за интензивна војна доколку либанското движење Хезболах го прекрши најновиот прекин на огнот, кој стапи на сила во средата.

„Доколку има големо кршење на прекинот на огнот, ние ќе дејствуваме секој пат со хируршка прецизност, како што правиме сега, и со сета наша сила“, рече Нетанјаху во интервју за израелскиот канал 12 и додаде:

„Го нарекувам прекин на огнот затоа што не ја прогласив војната за завршена.“

Како што објави медиумот, Нетанјаху требаше да ги собере своите советници на состанокот во четвртокот вечерта „за да се разгледа продолжувањето на војната на други фронтови“.

На прашањето зошто Израел не создава тампон зона на југот на Либан, тој рече дека опасноста од копнена инвазија е елиминирана.

Според него, ИД уништила надворешна инфраструктура на границата, како и подземни бункери и тунели.

Нетанјаху, исто така, рече дека жителите на северот на Израел ќе се вратат дома етапно, „кога ќе почувствуваат дека тоа што го кажува е точно“.

Либанската армија објави дека Израел неколкупати го прекрши договорот за прекин на огнот од средата.

Според условите на прекинот на огнот, Израел во фази ќе ги повлече своите сили јужно од де факто границата на Сината линија, додека либанската армија ќе ги распореди своите сили во јужен Либан во рок од 60 дена.

Спроведувањето на договорот треба да го следат Соединетите Американски Држави и Франција.

Повеќе од 3.960 луѓе се убиени и повеќе од 16.500 се повредени во израелските напади врз Либан, а повеќе од еден милион се раселени од октомври минатата година, објавија либанските здравствени власти.

TRT Balkan / агенции
Популарни