Германија и САД се условуваат за испраќање на тешки и напредни тенкови     Фото: Reuters

САД објави дека ќе испрати воена помош за Украина вредна 2,5 милијарди долари во која се вклучени оклопни возила, транспортери, ракети за противвоздушна одбрана и муниција, но не и тенкови од типот „Абрамс“, чекајќи тоа да го стори Германија од која се бара достава на тенковите „Леопард“.

Пакетот воена помош, која од страна на САД достигна 26,7 милијарди долари, доаѓа пред состанокот на НАТО сојузниците во воената база Рамштајн во Германија, на која се разговара за дополнителна поддршка на Украина со вооружување.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски упати апели до Западот за итна воена помош со тешко вооружување, во очекување на новата руска офанзива на истокот на Земјата, а според некои анализи и можен нов напад врз главниот град Киев.

САД со новата транша се очекува да ја достави најголемата пратка на оклопни возила за Украина досега, со нови 59 возила „Бредли“ или повеќе од 100 од почетокот на руската инвазија. Се очекува испорака и на 90 оклопни транспортери „Страјкер“ „кои на Украина ќе и дадат две оклопни бригади“, смета Пентагон.

Украинската армија ќе биде снабдена и со 53 оклопни возила отпорни на мини (МРАП) и 350 транспортери М998, познатите „Хамви“.

Американската пратка ќе вклучи и резервни проектили за веќе доставените противвоздушни системи НАСАМС и ХИМАРС, 8 противвоздушни системи со краток дострел „Одмазник“ и илјадници парчиња муниција со различен калибар.

Тенковска спрега

За Украина и натаму нема тешки и напредни тенкови кои Зеленски ги чека од Германија и САД. Дел од НАТО сојузниците меѓу кои Полска, и ветуваа на Украина достава на напредните тенкови „Леопард“, но за тоа треба согласност од Германија која е главен производител.

Исто така Германија ќе чека потег од САД за достава на нивните тенкови „Абрамс“ иако врз германскиот канцелар Олаф Шолц има голем притисок да ја снабди Украина со тенковско вооружување за да може да одговори на новите налети на руската армија.

За САД главната пречка се високите трошоци за одржување и логистичкиот предизвик па така сметаат дека се опрема која нема да и помогне многу на Украина.

„Една од работите на кои секретарот Остин беше многу фокусиран е дека не треба да им обезбедуваме на Украинците системи што не можат да ги поправат, не можат да ги одржат и дека тие на долг рок не можат да си ги дозволат бидејќи тоа не е корисно“, изјави за медиумите Колин Кал потсекретарот за одбрана на САД.

На средбата меѓу германскиот министер за одбрана Борис Писториус и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе се разговара за доставата на тенкови на украинскиот фронт, и дали тие ќе бидат меѓусебно условени, како што досега беше ставот на германската власт според изворите во одбраната.

Испораката на тенкови е дел од поопширната дебата за тоа какви се оружја треба да и се достават на Украина кои може да ги зголемат дометот и капацитетот на украинската армија, но со тоа и на разгореноста на војната.

TRT Balkan / агенции
Популарни