Сенатот на САД го одобри пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО     Фото: АА

Сенатот на САД го одобри пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО, до кое доаѓа по руската инвазија врз Украина.

Сенатот гласаше со 95 гласови „За“ и еден глас „Против“ ратификацијата на пристапните документи на двете земји, надминувајќи го двотретинското мнозинство од 67 гласа потребни за ратификација.

Сенаторот Џош Хејли беше единствениот Републиканец кој се спротивстави на резолуцијата откако неодамна тврдеше дека приоритет на САД треба да биде задржување на Кина, а не проширување на НАТО.

„Не можеме да го зајакнеме нашето одвраќање во Пацификот со испраќање повеќе сили и ресурси во Европа за да ги одбраниме новите сојузници. Тоа е суштината“, рече Хејли пред гласањето.

Шведска и Финска во мај формално поднесоа барање за пристапување во НАТО, што е одлука поттикната од руската војна против Украина.

Сепак, Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации.

Двете земји беа официјално поканети да се приклучат на НАТО откако Туркије го укина ветото за нивното зачленување по потпишувањето на трилатералниот Меморандум на 28 јуни.

AA
Популарни