Путин го пофали Ердоган за неговата улога во потпишувањето на историскиот договор за деблокирање на извозот на жито    Фото: АА

Разговорите меѓу Анкара и Москва за случувањата во Сирија „ќе му донесат олеснување на регионот“, изјави во петокот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред билатералната средба со неговиот руски колега Владимир Путин во рускиот приморски град Сочи.

„Верувам дека нашето справување со случувањата во Сирија во оваа прилика, исто така, ќе донесе олеснување во регионот“, рече Реџеп Таип Ердоган.

Тој подвлече дека средбата ќе биде „многу важна“ за истакнување на улогата што ја играат Туркије и Русија во регионот.

Ердоган, исто така, рече дека Туркије ја цени соработката со Русија во борбата против тероризмот, додавајќи дека очите на светот се вперени во Сочи.

Според турското претседателство, Ердоган и Путин разговараат за регионални и меѓународни прашања, како и за односите меѓу двете земји.

Лидерите одржаa состанок еден на еден, а потоа претседаваа со разговорите меѓу делегациите.

За нуклеарната централа Акују, заеднички проект на Анкара и Москва, Ердоган ја истакна важноста на проектот, исклучувајќи какво било одложување.

„Бидејќи е многу важно договорениот календар да се следи и Акују да биде завршен во одреденото време. Бидејќи електраната Акују ќе управува со 10% од енергетскиот потенцијал на Туркије во снабдувањето со енергија и верувам дека би било корисно за нас да имаме детална дискусија за ова прашање“, додаде тој.

Акују има оперативен датум за првиот реактор до 2023 година, а целата централа ќе биде поставена и ќе работи до 2025 година.

Проектот започна со меѓувладин договор меѓу Туркије и Русија од 2010 година.

„Европските држави треба да и бидат благодарни на Туркије“

Путин го пофали Ердоган за неговата улога во потпишувањето на историскиот договор за деблокирање на извозот на жито, кој вклучува и испорака на руски прехранбени производи и ѓубрива.

„Ова е многу чувствително прашање, особено за земјите во развој. Овие земји се на работ на сериозни проблеми поради снабдувањето со прехранбени производи и ѓубрива. Ваквите одлуки, донесени со ваше учество, се важни за сите овие земји. Затоа ви благодарам за тоа“, му порача Путин на турскиот претседател.

На 22 јули Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа историски договор за повторно отворање на три украински пристаништа за извоз на жито од Украина, кои беа заглавени со месеци поради руско-украинската војна.

Осврнувајќи се на природниот гас, Путин рече: „Турски тек, чија изградба ја завршивме пред извесно време, е една од најважните артерии за снабдување на Европа со руски гас“.

Тој нагласи дека Турски тек „тече непречено“, додавајќи дека европските земји треба да бидат благодарни што можат да купуваат руски гас преку Турски тек.

Гасоводот долг 930 километри (578 милји) ќе пренесува руски гас под Црното Море преку Бугарија, Србија и Унгарија, а друг дел ќе стигне до Туркије.

Со капацитет од 31,5 милијарди кубни метри годишно, проектот е морски гасовод со најголем дијаметар во светот инсталиран на такви длабочини.

Истакнувајќи дека Русија има многу стратешки проекти кои се спроведуваат заедно со Туркије, Путин рече дека Москва се надева дека ќе го зголеми обемот на трговијата со Туркије.

Путин, исто така, изрази надеж дека на средбата ќе биде потпишан меморандум за развој на трговски и економски врски.

AA
Популарни