Додека законодавците на САД го одбележаа јуни како месец кога се прославува крајот на ропството, повеќето од нив доволно би било да ја погледнат семејната историја за одблиску да ја видат поврзаноста со „првичниот грев“ на Америка.
Во истражувањето на семејното потекло на американската политичка елита, Ројтерс „ископа“ дека петтина од конгресмените, претседателите на САД кои се уште се живи, врховните судии, и гувернерите се директни потомци на предци кои поседувале црни робови.
Најмалку 100 членови на актуелниот состав на Конгресот се директни потомци на робовладетели, застапени со 8% кај Демократите и 28% кај Републиканците.
Тука спаѓаат републиканските сенатори Мич Меконел, Линдзи Греам, Том Котон и Џејмс Ланкфорд и демократите Елизабет Ворен, Тами Дакворт, Џин Шахин и Меги Хасан.
Претседателот Џо Бајден и секој жив поранешен претседател на САД, освен Доналд Трамп, се директни потомци на робовладетели, меѓу кои Џими Картер, Џорџ Буш, Бил Клинтон и Барак Обама.
Гувернерите на 11 од 50 американски сојузни држави во 2022 година биле потомци на робовладетели, како и двајца судии од Врховниот суд на САД.
Предците робовладетели на конгресмените биле меѓу најбогатите луѓе во Америка пред Граѓанската војна, а три-четвртини од нив биле меѓу најбогатите 10% од населението.
Ројтерс во истражувањето за политичката елита пронајде имиња на повеќе од 700 луѓе кои кај предците на политичарите биле робови.
Околу 23% од испитаниците во новата анкета на Ројтерс и Ипсос рекле дека помалку е веројатно дека би гласале за кандидат чии предци биле робовладетели.
Белите испитаници кои се свесни дека имаат предок кој бил робовладетел е поверојатно од останатите бели луѓе да поддржат исплата на репарации за ропството.
„Истражувањето на Ројтерс покажа колку Америка останува тесно поврзана со ропството како институт, вклучително и преку луѓето кои ги носат законите и управуваат со државата“ истакна Хенри Луис Гејтс Помладиот, професор на Универзитетот во Харвард.
Гејтс, вели дека идентификувањето на слични врски со робовладетелите „не е уште едно поглавје во играта на барање виновници, и дека вината за делата на нашите предци не се наследува“.
„Идејата е само да се посочи колку блиску сме поврзани со институтот на ропството и како влијаело на животите на предците на луѓето кои сега се наши претставници во Конгресот на САД“, дополнува Гејтс.
„Ова е можност за секој поединец да научи нешто, како и за гласачите, така и за американскиот народ како целина“.
„Постојат милиони американци кои се наследници на робовладетелите“, посочи Тони Буроз, генеалог кој е специјализиран во помагање на црните Американци да ги пронајдат нивните предци.
Во извештајот на Ројтерс се анализирани записите од пописите, вклучувајќи ги податоците пред американската граѓанска војна, познати како „распореди на робови“, како и даночни документи, имотни листови, семејни Библии, записи од весници и изводи на родени и починати.
Записите, во одредени случаи и семејни тестаменти, покажуваат како робовите тогаш се третирале недостоинствено и обезбедуваат многу длабока врска меѓу денешните политичари и ропството.
Истражувањето на Ројтерс е проверено од овластени генеалози кои секој случај на современ политичар со предок робовладетел го утврдувале поединечно.