Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е воен злосторник и „касап на Газа“ и дека сигурно ќе му биде судено како што му беше судено и на Слободан Милошевиќ.
Ердоган присуствуваше на отворањето на 39. министерска седница на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка на Организацијата за исламска соработка (COMCEC) во Конгресниот центар во Истанбул и во своето обраќање се осврна на израелските напади врз Газа.
Тој потсети на бруталноста на израелските напади врз Газа, како и на страдањата на голем број цивили и деца.
„Двајца од тројца убиени во Газа се деца, жени, бебиња. Бројот на жители на Газа по кои се трага надмина 6.500“, потсети Ердоган.
Тој рече дека оние што се обидуваат да ја прикријат смртта на толку многу невини, па дури и да ги легитимизираат под изговор за Хамас, веќе немаат право да му кажат ништо на човештвото.
„Газа е територија на Палестина, Газа им припаѓа на Палестинците и така ќе остане засекогаш“, нагласи Ердоган.
Тој изнесе остри критики за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го уште еднаш воен злосторник и „касап на Газа“.
„'Касапот на Газа' Нетанјаху е воен злосторник и сигурно ќе му се суди како на 'касап од Газа', исто како што му беше судено на (заб.ав. поранешниот претседател на Србија, Слободан) Милошевиќ“, нагласи Ердоган.
Тој понатаму наведе дека Израел не е само убиец туку и крадец и порача дека нема да дозволи да се заборави прашањето за нуклеарното оружје на Израел.
Осврнувајќи се на гласањето во Обединетите нации (ОН), Ердоган рече: „Од една страна, имате 121 земја што сака да ги запре војната и крвопролевањето, а од друга страна, три-пет земји што отворено ги поддржуваат нападите на Израел.“
Тој нагласи дека патот кон мирот во регионот оди преку формирањето на државата Палестина.
„Туркије е подготвена да биде земја гарант за мировните преговори меѓу Израел и Палестина“, рече Ердоган.
Тој, исто така, предупреди за проблемот со исламофобијата, за која рече дека се шири на Западот како епидемија.