Претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (MKCK), Мирјана Шпољариќ, изјави дека е неприфатливо цивилите да немаат безбедно место на кое може да заминат во Газа и дека во моментов не е возможно да се изврши соодветен хуманитарен одговор поради моменталната воена опсада.
Таа рече дека отишла во Појасот Газа за да ги унапреди напорите за ублажување на катастрофалните хуманитарни последици од тековните напади врз цивилите.
Шпољариќ истакна дека луѓето во Газа неверојатно страдаат.
„Неприфатливо е цивилите да немаат безбедно место каде може да заминат во Газа, а соодветната хуманитарна интервенција во моментов не е можна поради воената опсада. Длабоко сум загрижена за тешката ситуација на цивилите“, рече Шпољариќ.
Таа нагласи дека треба да се овозможи непречен и редовен проток на помош за Газа. Повика на ослободување на заложниците и на MKCK да му се дозволи безбедно да ги посети.
Шпољариќ го повтори повикот за заштита на цивилите во Појасот Газа.
Најмалку 509 Палестинци се убиени, а 1.316 се повредени од петокот во израелските воздушни напади, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Бројот на загинати од израелските напади врз Појасот Газа се искачи на 15.523 од почетокот на конфликтот на 7 октомври, соопшти во неделата Министерството за здравство во опколената палестинска енклава.
Бројот на ранети во истиот период се зголеми на 41.316.