Како да се заштитите од измама кога купувате онлајн?     Фото: АА

Македонските граѓани се почесто купуваат онлајн и во 2021 година потрошиле 437,1 милион евра. Ако се сметаше дека 2020 година ќе биде рекордна поради карантините и зголемените нарачки додека луѓето се дома, лани со враќањето на економската активност растот на е-трговијата е уште поголем.

Но, истовремено растат и жалбите кон несовесни е-трговци кои не ги исполнуваат рекламираните ветувања. Некои граѓани се и директно измамени преку онлајн продавниците, па потоа случаите ги презема одделот за компјутерски криминал на МВР.

Најчесто, сведоштвата за измами може да се сретнат на социјалните мрежи. Приватната Фејсбук група „Ѕид на измами и прашања за искуства од онлајн продавници“ веќе брои над 36.500 членови.

На што да внимавате?

Купувачите најголем проблем имаат со онлајн продавници кои не се регистрирани како фирми, немаат објавено седиште и службена е-мејл адреса, а најчесто функционираат преку понуди објавени на страни и профили на Фејсбук и Инстаграм.

Според Законот за електронска трговија, онлајн продавниците се должни да ги почитуваат законските прописи, да објават податоци за субјектот или адреса ако се физички лица, лиценци и одобренија и да ги наведат надлежените институции од кои ги стекнале истите.

Онлајн продавачите се должни јасно да ја наведат цената на производите и услугите, вклучувајќи ги и дополнителните давачки за достава, даноците и манипулативните трошоци.

Купувачите кои нарачуваат од профилите и страните на нерегистрирани трговци не добиваат фискална сметка, па така и правните лекови во овие случаи се многу ограничени.

Добро треба да се информирате за тоа кога се креирани профилите на е-трговците на социјалните мрежи, какви производи или услуги нудат, колкави се трошоците за достава, дали имаат јавно објавена адреса и контакт и дали може да упатите рекламација.

Потрошувачите може да се едуцираат за нивните права во електронската трговија преку прирачниците кои ги подготви Организацијата на потрошувачи на Македонија за купување од далечина и безбедност на онлајн трансакциите.

Леснотијата на „кликот“

Без оглед на лошите искуства, пазарот на е-трговија станува се повеќе организиран. Регистарот на е-трговци кој го води Асоцијацијата за е-трговија на Македонија обезбедува информации за коректни компании кои работат прописно и го носат беџот на „верификуван трговец“.

Како што расте прометот преку интернет, така и бројот на е-продавници постојано се зголемува. Во 2021 година биле регистрирани 1696 е-продавници, што е раст од 22,5% во однос на 2020 година.

Над 70% од прометот вреден 437,1 милион евра е реализиран кон домашните трговци, што е речиси двојно повеќе од „пандемиската“ 2020 година.

Македонските граѓани пазарат онлајн и во странство за што потрошиле 101,8 милиони евра, двојно повеќе од лани, или речиси идентично како во годината пред пандемијата.

Купувачите најчесто трошат на облека, обувки, спортска опрема, храна, козметика, подароци, книги, билети за уметнички настани, дел на патувања и производи од странство, а помалку на електроника и техника.

TRT Balkan
Популарни