Хрватската економија минатата година порасна за 3,8 отсто, додека растот во четвртиот квартал од 2024 година изнесуваше 3,7 отсто, се вели во првата прелиминарна проценка објавена денеска на хрватскиот Државен завод за статистика (ДЗС).
Економијата на Хрватска расте веќе 16 последователни квартали, а растот во четвртиот квартал благо забави во споредба со 3,9 отсто во претходниот квартал.
„Потрошувачката на хрватските домаќинства се зголемила за 6,3 отсто во четвртиот квартал од 2024 година, додека јавната потрошувачка се зголемила за 7,1 отсто, како и бруто формирањето на фиксен капитал за 9,5 отсто“, се додава во извештајот.
Во истиот период, хрватскиот извоз е зголемен за 4,7 отсто на годишно ниво, а увозот за 9,9 отсто, што негативно се одрази на вкупниот БДП.
„Ако го погледнеме кумулативниот економски раст од почетокот на 2021 година, Хрватска има втор најголем реален раст во Европската унија, над 25 отсто, веднаш зад економијата на Малта, која во истиот период порасна за повеќе од 35 отсто“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, пренесува ХРТ.