Кока-кола Хрватска во вторникот потврди дека знае за случај на труење со нејзината минерална вода во кафуле во Риека, при што едно лице завршило со хемиска повреда на хранопроводникот, велејќи дека се работи за изолиран случај.
„Свесни сме за изолиран случај поврзан со едно стаклено шише Romerquelle Emotion Blueberry Pomegrante 330 ml. Ја изразуваме нашата длабока загриженост и надеж за брзо и целосно закрепнување на лицето инволвирано во овој случај. Целосно сме отворени за соработка со сите надлежни органи“, се наведува во соопштението на Кока кола Хрватска.
Приказната за отруената вода во Хрватска почна на социјалните мрежи, по што Клиничко болничкиот центар Ријека објави дека имаат пациент со хемиско оштетување на хранопроводникот, дека е во стабилна состојба и дека е во тек дијагностичката и терапевтската процедура.
Полицијата денеска потврди дека пред три дена било пријавено дека на едно лице му се слошило додека консумирало безалкохолен пијалок во еден од рестораните во центарот на Риека и дека е пренесен во КБЦ Риека за да обезбеди соодветна медицинска помош.
Како што наведуваат, во текот на досегашната постапка полициски службеници „вршеле увид, одземени се одредени предмети и извршени се разговори со повеќе лица“.
„Полицијата за сите досегашни сознанија го известила надлежното државно обвинителство, како и надлежниот Државен инспекторат за да се преземат мерки од нивна надлежност“, се наведува во соопштението.
Во меѓувреме, за целиот случај се огласија и од Наставниот институт за јавно здравје на приморско-горанската жупанија.
„По добиени информации за хемиски контаминирани пијалоци во угостителски објекти, како и хоспитализација под сомнение за хемиска повреда на усната шуплина, грлото и хранопроводникот, надлежните органи на терен собираат примероци од сомнителни пијалоци. На нив ќе се направат сите потребни испитувања за да се утврди фактичката состојба, рекоа од институтот.
Во понеделникот вечерта социјалните мрежи во Хрватска беа преплавени со пораки во кои граѓаните се предупредуваат да не пијат сокови и вода од познат производител, како и дека луѓето се во болница поради изгорен хранопровод.
Во пораките се наведува дека случаите се евидентирани во Риека, но и еден случај во Осиек пред неколку месеци, но за кој нема официјална потврда дека е настаната од истиот производ.