Италија сака да ја зајакне соработката со земјите од Западен Балкан / Photo: AA

Шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, вчера се состана со колегите од земјите од Западен Балкан, со цел да ја започне соработката на неговата земја со регионот, соопшти канцеларијата на италијанското МНР.

Состанокот, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на Северна Македонија, БиХ, Албанија, Црна Гора, Србија, Хрватска, Косово и Словенија, се одржа на маргините на неделата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Тајани на состанокот се согласи со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан да ја „засилат соработката во многу сектори, почнувајќи од економијата“.

Тој рече дека во соработката со овие земји Италија треба да ја промовира заедничката акција против нерегуларната миграција во борбата против криминалните организации и трговците со луѓе.

Шефот на италијанската дипломатија рече дека Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Брисел во декември ќе биде можност да се даде нов поттик во процесот за проширување на Европа со овие земји и да се дефинира прецизна временска рамка за тоа.

„Владата ѝ придава големо значење на интеграцијата на Западен Балкан во Европа. Се обврзуваме дека ќе го забрзаме овој процес и со постепени мерки на интеграција“, рече Тајани.

Шефовите на дипломатиите се договорија да се состануваат двапати годишно во иста форма за да разговараат за прашањата од заеднички интерес.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, неодамна изјави дека ЕУ би требало до 2030 година да биде подготвена за прием на нови членки.

TRT Balkan / агенции
Популарни