Декларација на самитот ЕУ - Западен Балкан: Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и одговорности / Photo: AA

Лидерите на Европската Унија и земјите од Западен Балкан усвоија декларација на вчерашниот самит во Брисел во која се наведува дека заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и одговорности.

Декларацијата ги повикува сите земји од Западен Балкан да воведат санкции кон Русија и да работат за спречување на заобиколувањето на рестриктивните мерки што Брисел ги воведе кон Москва како одговор на војната во Украина.

„Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и заедничка одговорност. Додека ја продлабочуваме нашата соработка со партнерите, ги повикуваме да постигнат брз и одржлив напредок кон потполно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и рестриктивните мерки на ЕУ и да делуваат во согласност со тоа“, се наведува во декларацијата.

Укажувајќи на сѐ покомплицираното геостратешко опкружување, во кое доминира војната во Украина и кризата на Блискиот Исток, во декларацијата се наведува дека европската и глобалната безбедност и понатаму е загрозена.

„Тоа опкружување ја покажува важноста на единството и целта на европското семејство, како и стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан со кој се воспоставуваат уште поблиски врски и подобра интегрирана соработка со ЕУ заснована на споделување на заедничките принципи и вредности“, се наведува во текстот на документот.

Повторно е потврдена потполната и недвосмислената определба на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија и се апелира за забрзување на процесот за пристап, врз основа на кредибилни реформи од страна на партнерите, фер и строги услови, како и начелата на сопствените заслуги.

„ЕУ го поздравува напредокот што партнерите од Западен Балкан го направија на своите патишта кон ЕУ од самитот ЕУ - Западен Балкан во Тирана. Иднината на Западен Балкан е во нашата унија. ЕУ ја поздравува одлучноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат европските вредности и принципи и кон нив да се обврзат во согласност со меѓународното право. ЕУ, исто така, ја поздравува повторно истакнатата посветеност на партнерите од Западен Балкан за приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото. Во согласност со декларацијата од декември 2022 година, ЕУ ја истакнува потребата за трајни и неотповикливи реформи во областа на владеењето на правото, функционирањето на демократските институции, економијата и реформите во јавната администрација. ЕУ ја нагласува потребата од постојани напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал, зголемената поддршка за добро раководење, човечки права, рамноправност на половите и права на лицата кои им припаѓаат на малцинствата. Кредибилитетот на таквата определеност зависи од смисленото спроведување на неопходните реформи и од солидните резултати засновани на јасни и конзистентни комуникации во интерес на нивните народи. Зајакнато цивилно друштво, како и независни и плуралистички медиуми со целосно почитување на слободата на изразување, се клучни компоненти на кој било демократски систем“, се наведува во декларацијата.

ЕУ порача дека останува најблизок партнер, главен инвеститор, трговски партнер и најголем донатор за регионот. Партнерите ги повикува да го сторат што повидлив извонредниот волумен и опсег на таа поддршка и да ја рефлектираат проактивно во нивните јавни дебати и комуникација, за да можат граѓаните да ги ценат конкретните предности на партнерството со ЕУ. Партнерите, исто така, би требало да имаат јасна комуникација за својата определба кон вредностите на ЕУ и неопходните реформи.

„ЕУ ја истакнува потребата партнерите од Западен Балкан да се определат за инклузивна регионална соработка и јакнење на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ. Спроведувањето на билатералните договори со добра волја и со конкретни резултати, и понатаму останува важно, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедски односи и соработка со Бугарија. Сè уште се потребни дополнителни одлучни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и нерешените прашања со партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, како и за преостанатите случаи на исчезнати лица и прашањата за воени злосторства, во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучувајќи го и Договорот за прашањата на сукцесија. ЕУ ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците на малцинствата, со ист третман и за нив“, се вели во декларацијата.

Учесниците на самитот порачаа дека продолжуваат во потполност да ги поддржуваат напорите на високиот претставник на ЕУ за дијалогот Белград и Приштина и за други регионални прашања за Западен Балкан.

„Од тие две страни очекуваме конструктивен ангажман во добра верба и во духот на компромис за да се постигне брз напредок во нормализацијата на нивните односи, што е критично важно за безбедноста и стабилноста на целиот регион и да се осигури дека страните можат да напредуваат на своите европски патишта. Ги повикуваме страните без понатамошно одлагање или предуслови, во потполност да го спроведат Договорот за патот на нормализација и неговиот Анекс за спроведување, како и сите претходни договори“, пишува во декларацијата.

Во продолжение, меѓу другото, се наведува дека ЕУ има за цел да го приближи Западен Балкан кон себе, подготвувајќи терен за пристап и донесувајќи конкретна корист за граѓаните на Западен Балкан и во текот на процесот на проширување.

„Во тој контекст, неодамнешната комуникација на Комисијата за новиот План за раст на Западен Балкан има за цел да ја забрза социоекономската конвергенција меѓу Западен Балкан и ЕУ, го охрабрува регионот да ги зајакне чекорите за реформи поврзани со ЕУ и да напредува во регионалната економска интеграција низ заеднички регионален пазар, базиран врз правата и стандардите на ЕУ“, се истакнува во декларацијата.

ЕУ, исто така, потсетува на заедничката обврска да се зајакнат напорите за подобрување на интеграцијата на Западен Балкан со внатрешниот пазар на ЕУ. Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан би требало да послужи како појдовна точка за интеграција.

Потребни се дополнителни решителни напори на сите лидери на Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан да стане реалност, особено што се однесува на усвојувањето на неколку одлуки за иницијативите поврзани со трговијата што се веќе договорени на техничко ниво во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија (CEFTA). Таквата инклузивна регионална соработка, базирана на правилата и стандардите на ЕУ, воедно би стимулирала трговија во рамките на регионот и би привлекла инвестиции.

ЕУ потсети и дека е одлучна да ги поддржи лидерите на Западен Балкан во исполнувањето на нивните обврски за потполно спроведување на Зелената агенда за регионот.

Кога се работи за интеграција на дигиталниот единствен пазар на ЕУ, поздравено е намалувањето на трошоците за трансфер на податоци во роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан почнувајќи од 1 октомври 2023 година, со цел развој на долгорочен ангажман за роаминг, за да може регионот да се вклучи во подрачје опфатено со режимот на ЕУ „роаминг како дома“.

Во врска со интеграцијата на Западен Балкан во индустрискиот синџир на снабдување, се поздравува интересот што го изразуваат партнерите од Западен Балкан за приклучување како партнери во ЕУ во синџирот на вредности за критични суровини и да добијат поддршка за развој на релевантни индустрии, усогласени со потребите и стандардите на единствениот пазар на ЕУ.

ЕУ, исто така, во декларацијата потсетува на својата постојана поддршка за реформирање и изградба на капацитетите на јавната администрација на Западен Балкан.

ЕУ ја поздравува и посветеноста на партнерите за забрзување на работата во спроведувањето на програмата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт.

ЕУ ќе продолжи да соработува со регионот за понатамошен развој на одбранбените способности и капацитети, вклучително и по пат на Европскиот инструмент на мировна помош. ЕУ останува посветена да придонесе за безбедноста во регионот, вклучувајќи ги своите операции ЕУФОР „Алтеа“ (Силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина) и мисијата ЕУЛЕКС (Мисија на Европската Унија за владеење на правото во Косово) на Заедничка безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) на Унијата.

Управувањето со миграциите останува клучен заеднички предизвик и одговорност.

Луѓето од целиот регион на Западен Балкан ќе можат од следната година да патуваат во Шенген-зоната без визи.

„ЕУ апелира на натамошно зајакнување на соработката во борбата против тероризмот и сузбивањето на насилниот екстремизам во сите негови облици, вклучувајќи ја и превенцијата од радикализација и финансирање на тероризмот“, се наведува, меѓу другото, во декларацијата.

AA
Популарни