Проширувањето на Европската унија е неопходност, истакнаа словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон и нејзината германска колешка Аналена Баербок по разговорите во Љубљана на заедничка прес-конференција.
Фајон го опиша проширувањето на Европската унија како геостратешка неопходност. Во исто време, Баербок истакна дека ЕУ мора да се подготви за иднината со повеќе од 30 членки, вклучително и тоа да го направи преку реформи.
Што се однесува до војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас, тие нагласија дека се залагаат за решение со две држави, за што, сметаат, неопходна е и поддршката од арапските земји.
Како што истакна Фајон на прес-конференцијата, Словенија постојано повикува на хуманитарен мир на Блискиот Исток кој ќе биде постојан.
Според неа, таа и германскиот министер Баербок се согласуваат дека потрагата по решение за две држави бара поддршка од арапските земји.
Баербок нагласи дека „страдањето на едната страна во конфликтот на Блискиот Исток може да заврши кога ќе заврши страдањето на другата“.
Шефот на германската дипломатија Аналена Баербок денеска е во посета на Словенија.
Освен што ќе биде домаќин на нејзината словенечка колешка Тања Фајон, таа ќе се сретне и со словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Меѓу централните теми на посетата ќе бидат и проширувањето и реформите на ЕУ.
Германските и словенечките власти, меѓу другото, имаат исти ставови за поддршката за Украина и за приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
Фајон пред еден месец учествуваше на конференција посветена на проширувањето на Европската унија, чиј домаќин беше Баербок во Берлин.