Предлог заклучоците се многу јасни и ние секако дека ќе продолжиме со реформите, а процесот на уставни измени е процес што ќе продолжи, кој што е неминовен и на крајот ќе резултира со успешно завршување на преговорите и да станеме земја членка на ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Северна Македонија, посочи Ковачевски, заврши успешен скрининг процес, кој што е признаен од ЕУ, меѓутоа, како што нагласи „сите знаете дека ние имаме уште една обврска што треба да ја завршиме“.
„Таа сега зависи од нас, меѓутоа, таа дискусија секако ќе продолжи. Процесот ќе продолжи и неминовно ќе заврши со влез на Северна Македонија во ЕУ“, истакна Ковачевски.
Според Ковачевски, доколку сите политички актери во нашата држава имаа позиција како што има владејачката коалиција, денеска ќе беше друга ситуација овде, и како што вели, ќе разговаравме за отворање на поглавјата и кластери.
Во однос на уставните измени, Ковачевски, рече дека тоа е обврска што е многу јасно нотирана во Извештајот и во самите предлог заклучоци стои дека штом, тие амандмани ќе бидат донесени, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција.
„Се она што јас го зборувам во изминатите година и половина се потврди како точно“, порача Ковачевски.
Во однос на прашањето од медиумите дали Северна Македонија и Албанија може да бидат одвоени во оваа фаза на евроинтегративниот процес, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија и Албанија заедно го започнаа скрининг процесот пред година и пол и дека секоја земја согласно своите перформанси, согласно усогласеноста со ЕУ напредува во процесот на европската интеграција.