Членовите на Европскиот парламент го повикaa Европскиот совет на состанокот на 14 и 15 декември да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Украина и Република Молдавија. Заедно pо одредени реформи, велат тие, треба да се отворат и пристапните преговори со Босна и Херцеговина, а Грузија да добие кандидатски статус.
Европратениците го поздравуваат новиот План за раст за Западен Балкан и ги повикуваат лидерите на ЕУ, исто така, да ја усвојат преговарачката рамка без одлагање, откако ќе бидат исполнети релевантните барања во врска со секоја од земјите-кандидатки за брзо започнување на пристапните преговори.
Потребен е јасен временски распоред за проширување на ЕУ
Европратениците го поздравуваат интересот и политичката волја на толку многу земји да пристапат во ЕУ и ги признаваат сериозните напори што се прават за исполнување на барањата за членство. Тие ја поздравуваат подготвеноста на ерменската влада да се приближи кон Европската унија.
ЕУ треба да утврди јасни рокови за земјите кандидати да ги завршат преговорите за пристапување во ЕУ до крајот на оваа деценија, нагласуваат европратениците.
Сепак, велат, не треба да има забрзана процедура за членство. Европратениците инсистираат дека критериумите од Копенхаген мора да се исполнат за да се обезбеди дека земјите-кандидатки и потенцијалните кандидати ќе покажат доследна и одржлива посветеност на демократијата, владеењето на правото, човековите права и почитувањето и заштитата на малцинствата и економските реформи.
Проширувањето е стратешка инвестиција во мирот и безбедноста
Со оглед на руската агресиja против Украина, проширувањето стана уште постратешки важно и е едно од најсилните геополитички алатки достапни за ЕУ, велат членовите на Европскиот парламент, нарекувајќи го стратешка инвестиција во мирот и безбедноста, како и двигател на демократијата и европските вредности на целиот континент.
Европратениците го повикуваат следниот парламентарен состав да назначи комесар за проширување и да се погрижи билатералните прашања да бидат јасно одвоени од политиката за проширување на ЕУ.
Пратениците во Европскиот парламент силно жалат за изјавите на премиерот на Унгарија во врска со отворањето на пристапните преговори со Украина и промената на политиката на таа земја кон Косово. Изјавите на Орбан го попречуваат процесот на проширување на ЕУ, предупредуваат членовите на Европскиот парламент, кои го потсетуваат Советот на потенцијалните негативни последици од преземањето на претседавањето со Советот на Унгарија во јули 2024 година.
Резолуцијата ја нагласува потребата од внатрешни реформи на ЕУ паралелно со процесот на проширување, со цел да се подобри способноста на Европската унија за ефективно интегрирање на новите членки, вклучително и преку воведување на гласање со квалификувано мнозинство кое исто така би се однесувало на одлуките за надворешната и безбедносната политика и во релевантни области за процесот на пристапување.
Резолуцијата беше усвоена со 468 гласови за, 99 против и 58 воздржани.