Османи посочи и дека Косово секогаш треба да стои на страната на Албанија, без разлика на разликите што може да постојат / Photo: AA

Претседателката на Косово Вјоса Османи во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието на Косово оцени дека 2023 година била тешка година на полето на безбедноста и повика на единство во одбраната на земјата.

Во говорот што го бојкотираа две опозициски партии, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово, Османи рече дека се обраќа пред пратениците на крајот на многу тешката година за Косово, по терористичкиот напад на 24 септември во Бањска, на северот на Косово.

Османи изјави дека групата поддржана од Србија извршила акт на агресија за да предизвика дестабилизација. Таа оцени дека овој напад уште еднаш го разоткри лицето на Србија, чиј сон останува идејата за српскиот свет.

„Нападот од 24 септември е исто така јасен показател дека Србија и нејзината сегашна номенклатура не се заинтересирани за траен мир, добрососедство, ниту за затворање на процесот на дијалог со Косово. За жал, денешната политика на Вучиќ е вчерашната политика на Милошевиќ. Не престанаа хегемонистичките амбиции. Бањска беше само предупредување, а Србија нема да се откаже од своите мрачни планови“, нагласи Османи.

Претседателката порача дека во вакви ситуации не смее да има политички поделби, бидејќи на Косово му е потребно единство во одбрана на суверенитетот и независноста на земјата.

Зборувајќи за дијалогот, Османи рече дека овој процес станува се потежок поради неконструктивноста и опструкциите на Србија, која сака да предизвика дестабилизација не само на Косово, туку и пошироко.

„Недостигот на рамнотежа и еднаков пристап во дијалогот нанесе голема штета на тој процес. Косово продолжува да се соочува со нефер и непропорционални мерки кои директно ги засегаат интересите на граѓаните. Од друга страна, со невоведувањето мерки кон Србија поради чинот на агресија на 24 септември и нападот врз војниците и новинарите на КФОР во мај, таа земја, за жал, само се охрабрува да продолжи со насилство. Ваквиот нееднаков третман на страните е удар врз кредибилитетот на процесот на дијалог и главна пречка за успехот на тој процес“, рече Османи.

Таа изјави дека неодамна на Косово е доставен нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово, кој мора да го провери Уставниот суд на Косово. Таа посочи дека целта е да се обезбеди целосна усогласеност на тој статут со Уставот на Косово, за да не се дозволи посредничка моќ или други аномалии кои би го загрозиле функционирањето на косовската држава.

Османи рече дека ги поканила лидерите на опозицијата на средба со цел да се изгради единство околу оваа предизвикувачка тема и да се заштити функционалноста на Косово.

Таа дека приоритет е членството на Косово во НАТО, како и во Советот на Европа и ЕУ.

Османи посочи и дека Косово секогаш треба да стои на страната на Албанија, без разлика на разликите што може да постојат.

Таа рече дека побарала од меѓународните власти да реагираат на етничкото чистење на Албанците од Прешевската долина, на југот на Србија. Таа посочи дека предложила во новиот закон за државјанство да им се олеснат процедурите за добивање косовски државјанство на Албанците од Долина.

Таа се осврна и на насилството врз жените како главен проблем на општеството, споменувајќи го и последниот случај на Лиридона Адемај, чие убиство го нарачал нејзиниот сопруг. Таа посочи дека родовото насилство не е само женско прашање, туку тест на хуманоста кон оваа социјална криза, која бара посветеност на промените.

Според Уставот на Косово, претседателот на државата е должен да им се обраќа на пратениците најмалку еднаш годишно.

AA
Популарни