Повлечена е и една серија од Coca-Cola Original Taste од 500 мл во пластична амбалажа / Photo: Reuters

Кока-Кола Хрватска во средата потврди дека според решението на хрватскиот Државен инспекторат, привремено повлекува од пазарот серија Coca-Cola Original Taste во пластична амбалажа од половина литар, како и две ограничени серии од минералната вода Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate од 330 милилитри во стаклена амбалажа.

Компанијата се одлучи на овој потег откако вчера во Хрватска беа пријавени уште неколку случаи на труење на лица кои пиеле од производите на Кока-Кола.

„Согласно усното решение на Државниот инспекторат, привремено повлекуваме една серија газиран пијалок Coca-Cola Original Taste од 500 ml во пластична амбалажа, произведен на 11.10.2023 година, со рок на траење до 11.04.2024 година, соопштија за медиумите од Кока-Кола Хрватска.

Иако, како што напоменуваат, нивната интерна анализа не покажала неправилности во производството или производите, сепак одлучиле привремено да повлечат и две ограничени серии Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate од 330 милилитри во стаклена амбалажа до завршување на официјалната истрага.

Станува збор за серии произведени на 27 мај 2023 година со рок на траење до февруари 2024 година и 22 јуни 2023 година со рок на траење до март 2024 година.

„Продолжуваме да соработуваме со надлежните органи и преземаме конкретни активности за заштита на нашите потрошувачи, се вели во соопштението на Кока-Кола Хрватска, во кое напоменуваат дека преземаат чекори за заштита на јавното здравје.

Неофицијално, резултатите од истрагата на ХЗЗЗ се готови и утврдени се одредени неправилности во 16 шишиња кои биле земени за вештачење.

Првиот случај на труење бил викендов во Риека, а вчера во болниците во Вараждин и Загреб се пријавиле неколку пациенти, од кои повеќе се пуштени дома, информираат од овие здравствени установи.

HINA
Популарни